Утринско Франк кафе со Коки Јанков: Со ќерка ми повторувам животни реченици

Во 7 часот ѕвони алармот, Лара оди во школо. Кога ја носам јас, знаеме да повториме некои важни животни реченици, попатно, пред да ми мафне со раката кога влегува во училиштето. Прекрасно е чувството кога од страна си го гледаш детето како самостојно поминува улица, во таа фаза сме.

Пред 15 години престанав да пијам кафе, но во последно време не знам што ми стана, знам да нарачам и така со кеф да го испијам, утрински и тоа многу често со Сале (член на „Тајфата“).

Секој ден дава нова можност. Нема ден да не ги разлистам моите идеи, визии, планови,очекувања во мојата глава. Надежта има голем замав во мене и тоа ме мотивира секој божји ден.

На работа сум во музичкото училиште Илија Николовски-Луј и тоа поручечки, така се часовите за оваа година и уживам. Исполнет сум со позитива а тоа дава резултати.

Кога не сум на настап со „Тајфата“ ,учиме со Лара некоја домашна работа и легнувам рано, ми фали одмор. Човек како старее, (хахаха) сфаќа дека од исклучителна важност се книгите кој ги прочитал и како тие влијаеле на него. Најмногу читам книги со христијанска духовна основа, едноставно ја осознавам вредноста на сопственото постоење.

* Коки Јанков, виолинист и професор