Утринско Франк кафе со Кристина Павлеска: Добрите мисли секогаш водат до големи дела

Денот го започнувам многу рано, околу 5 часот кога вообичаено се буди мојата двегодишна ќерка и тоа не ми паѓа тешко бидејќи во принцип не сум од оние што го преспиваат утрото. Како вели Бернард Вилијамс „Никогаш не постојат ноќ или проблем што можат да ги поразат изгрејсонцето или надежта.“ Јас утрото го дочекувам во убаво расположение и имам доволно време да се подготвам за обврските што ме чекаат секојдневнона работа или после работното време. Добрите мисли секогаш водат до големи дела. Позитивните вибрации што ги емитираат нашите мисли се клучот за отворање назатворените порти и водат до нови хоризотни. Така што, не го започнувам денот со мисли што сум испуштила да направам вчера, туку со мисли за тоа што можам да направам денес. Неколку пати во неделата, еден час пред да стасам на работа одам на фитнес што ми го подобрува нивото на енергија во утринските часови. Моето утринско кафе го пијам со моите колешки и колеги во пријатна и колегијална атмосфера, пред да започнеме со секодневните обврски како што се состаноци, планови за работа, презентации..

Во попладневните часови не престанувам да бидам активна и по престанокот на работното време, присуствувам и следам различни курсеви и обуки, постојано работам на мојата лична надградба што може, но и немора да е тесно поврзана со мојот професионален ангажман. Како вистински одмор ги доживувам попладневните или вечерните средби со моите пријатели доколку станува збор за работен ден во неделата, а за време на викендите или празниците настојувам пред сé утринското кафе да го испијам под ведро небо, засладено со некој заскитан ситен утрински сончев зрак.

За време на викендите преферирам да бидам опкружена со зеленило и природа некаде надвор од градот каде што максимално ги полнам батериите и гледајќи ја Дарија, мојата ќеркичка, како се радува на секое делче од природата, целосно се посветувам на заедничката дружба со моето семејство, а остварувам и средби со сите оние луѓе што ме прават вистински среќна во нивното присуство. Понекогаш одвојувам слободно време да насликам некоја слика бидејќи сликарството и цртањето портрети се моја вистинска страст, или пак да свирам на гитара и да се отпуштам со пријатна музика. Често имам впечаток дека часовникот побрзо се врти и изминува во такви денови.

Мотивацијата за животот ја црпам речиси од сé што ме окружува бидејќи мислам дека денот не е само обичен ден, туку нова шанса за остварување на своите соништа. За крај би го цитирала Стив Џобс кој вели: „Единствен начин да направите нешто големо е да го сакате тоа што го работите“. Љубовта и среќата во склоп со она што сакате да го работите, се нераскинлив дел од смислата на животот.

* M-р Кристина Павлеска, Претседател на Координациското тело за финансиска едукација