Утринско Франк кафе со Кристина Т. Големтеова: Попладнето со синот Калин ми е омилено

Ранобудна сум... Ако утрото немам емисија обично сум задолжена да го носам синот во градинка, па така првите мугри секогаш се мои. По утринските обврски, првото кафе го пијам со колешките на работа, подготвувајќи се и планирајќи и работните дневни задачи. Викенд утринското кафе пак, кога не сум на емисија, ми е посебно доживување. Го подоготвува секогаш сопругот, па ритуалот на кафе, муабет и по некој бисер од син ми кој редовно измамува насмевка ми е омиленото нешто рано наутро.

Деновите кои ми почнуваат со „Македонија наутро“ се мојот омилен адреналински хаос. Станувам во 5 часот наутро и веднаш влегувам во лавиринтот наречен последна подготовка на емисијата... шминка, фризура, преглед на сценарио, координација со колегите. По завршувањето на емисијата во 9.15 се чувствува и првата исцрпеност, но обврските не запираат тука. Емисијата за следниот ден веќе почнува, а со тоа продолжуваат обврските кои подразбираат договор со нови гости и теми за утринска. Е по работата доаѓа мојот омилен дел од денот – попладнето со Калин. Гушкање и игра  додека со нетрпение го чекаме да дојде тато кој ја превзема дружбата, додека мама заврши некоја домаќинска обврска по дома.

Ме мотивира насмевката на син ми, мојата фамилија, предизвикот наречен утринска емисија, инспиративните приказни на соговрниците кои секојдневно ги среќавам низ емисиите и без исклучок мудроста на моите родители кои суптилно во сите сфери на живеењето ме ставаат во натпревар со себеси да бидам подобар човек, мајка, пријател, работник... 

Вечерите се резервирани секогаш за семејството. Денот ни е прилично турбулентен, па затоа гледаме вечерите да сме дома и колку што е можно, со четири годишно момченце да ги поминеме во мир. Калин и тато со омилениот цртан филм, а мама со книга –единственото нешто што ме релаксира и ми помага полесно да заспијам 

Се трудам колку што можам помалку да гледам телевизија, па секое слободно време без исклучок е резервирано за добра книга. Домашната библиотека ми е омиленото катче во домот и тоа многу добро го знаат сите мои блиски луѓе.


(Кристина Талеска- Големтеова - водителка)