Утринско Франк кафе со Марија Јаневска: Не верувам во немање време, но верувам во приоритети

Добивај вести на Viber

Првото утринско кафе го пијам сама во кола накај работа – црно, горко, без шеќер и без млеко. Иако се будам во 5 часот, а работното време ми почнува во 8 или 9, утринскиот ритуал не ми почнува со кафе, туку со голема чаша вода и цеден лимон веднаш штом се разбудам. Не верувам во немање време, но верувам во приоритети и во посветеност. Затоа времето од 5 до 7:30 часот ми е време за себе. Се туширам и седнувам да си го испланирам денот. Уште од средно се навикнав да користам планер бидејќи заборавам секојдневни работи. Со оглед на тоа што сакам секогаш сѐ да ми е под контрола, запишувам сѐ. Така спијам мирно и сум сигурна дека не сум заборавила ништо. Имам неделна и дневна листа на обврски и активности и секогаш се трудам да сум реална со времето кое го поседувам. Поради зголемувањето на обврските во последно време често морам да си поставам приоритети и да бидам строга со себеси. Но, дисциплината е нешто на кое од секогаш сум била горда. Со оглед на тоа што организираноста ми е јака страна, многуте обврски ги гледам само како уште еден интересен предизвик.

Она што го живеам и работам денес е мојот сон, а кога го работиш тоа што го сакаш постојано си силно мотивиран за достигнување на понатамошни и повисоки цели.  Секој ден се ставам себе си под притисок и секој ден се трудам да сум подобра од претходниот. Инспирација ми е невозможното. Се што е невозможно ми буди мотивација која не запира и секогаш, ама баш секогаш завршувам докажувајќи си дека можам и поставувајќи си нови стандарди за сопствените способности. За жал тука има и една негативна страна – кога работиш нешто од срце, не постои кочница и често не знаеш за доста, а со тоа и ризикот од „burnout“ е многу голем. Исцрпеноста ме стигна пред 4 години како гром од ведро небо, но ми беше и огромна лекција учејќи ме како да се грижам за себеси. Сега знам дека бркањето на соништа и љубовта кон работата може да ги ставам на пауза еднаш во неделата.

Штом влезам во болницата, влегувам во вртлог од обврски и времето лета. Тука не може да се планира ништо затоа што тоа е работа со пациенти, работа со различни колеги, различни карактери и бара огромна флексибилност, емпатија, трпеливост, прецизност и брза и соодветна реакција. Последниве месеци со колегите во лабораторијата за генетика и персонализирана медицина работиме на неколку проекти и иако официјалното работно време ми е од 8 до 4, кога имам работа, фиксното работно време за мене не постои, а кога сум на повик работам и за викенди. Времето после работа ми е време за најблиските, време за пријателите. Често седнуваме некаде на ручек или на кафе и не дозволувам ништо да ми ги наруши тие часови на забава и задоволство.

Штом дојдам дома, прво што правам е облекувам патики и одам на трчање. Трчањето ми е издувен вентил и ми ја дава онаа совршена доза на релаксирање пред повторно да се фрлам на уште неколку часови работа. Главна преокупација периодов ми е активната потрага по истражувачка група и соодветна лабораторија некаде низ Европа каде би можела да ги работам докторските студии. Она малку слободно време што ми останува го користам за читање, релаксирање и играње со Оскар, моето куче без кое не можам.


(Марија Јаневска- писателка и фармацевт)