Утринско Франк кафе со Моника Зајкова: Не треба да заборавиш од каде потекнуваш

Во принцип сум ранобудник, затоа што не спијам подолго од седум часот наутро. Сметам дека луѓето не треба да го трошат животот во спиење. Темпераментна личност сум, која постојано е активна, не можам да седам на едно место. Дури и кога имам потреба да се релаксирам, најмногу уживам во активниот одмор. Вообичаено, секое утро го започнувам со подготовка на овошно смути за појадок. Поаѓајќи од максимата дека појадокот е најважниот оброк во денот, а земајќи го предвид и брзиот ритам на живот што го носи модерното време, имам навика пред започнување на работните активности да го појадувам моето омилено овошно смути (банана, малини, четири вида на семиња). 

Колку и да звучи невообичаено кафе не пијам, но затоа по појадокот пред започнување на работните обврски, пијам зелен чај како замена за редовното утринско кафе со моите две најблиски колешки. Преку неделата секое утро е речиси идентично. За време на викендите исто така не спијам долго и станувам во истото време како за на работа. Викендите, речиси задолжително, ги поминувам во природа со убаво друштво, партнерот или најблиските пријатели. Се обидувам колку што можам повеќе да ги полнам батериите со зеленило, со чист воздух, кои ми се еден вид прочистување на организмот од градскиот метеж и секојдневните обврски.

Утрата се оној дел од денот кога се полниме со енергија која ја користиме во текот на целиот ден, па затоа и вообичаено ги поминувам со луѓето кои ме исполнуваат со позитивна енергија.

Најголема мотивација во животот ми е мојот брат. Гледајќи ја добрината во неговите очи и топлината во неговото срце, среќна сум што на земјата се уште има луѓе кои зрачат добрина, и помагаат без да очекуваат нешто за возврат, а токму јас ја имам таа среќа таков човек да е дел од мојот живот. Неговата трудољубивост и човечност ме мотивира да чекорам напред. Иако е помал од мене, од него научив  дека во животот колку и да постигнеш не треба да заборавиш од каде потекнуваш. Секој мој успех му го посветувам нему. Довербата која ја полага во мене ми создава дополнителна мотивација да чекорам напред кон остварување на моите цели. Во делот на мотивацијата не би била фер, ако не ја споменам и поддршката од мојот партнер која е неизмерна особено на полето на кариерата. Задоволна сум што имаме меѓусебно разбирање.

Работните денови ми се исполнети со многу средби, телефонски повици и многу обврски на работното место. Во моментот работам во Собранието на Р. Македонија, која работа бара доста посветеност. При крајот на денот редовно вежбам. На тој начин го ослободувам стресот што се акумулира во текот на работниот ден. Вежбам микс - пилатес  во Фитнес станица- Олимписки базен. Пилатесот ми е единствениот „издувен вентил'' од секојдневието. По вежбањето денот го завршувам во разговор или гледање телевизија со моите родители или партнерот. Со оглед на темпото кое ми го наметнуваат секојдневните обврски секогаш се чувствувам спокојно кога крајот на денот  ќе го поминам со најблиските, за кои често забораваме да одвоиме повеќе слободно време. Искрено посакувам повеќе време да поминувам со моите родители.

Понекогаш знам да ја отворам и мојата виолина и да се вратам во времето кога редовно се дружев со овој инструмент во Музичко - балетското училиште „Илија Николовски - Луј“, како и во Гудачкиот оркестар АРКО. Во моментите кога ќе го почувствувам звукот што го создавам со мојата виолина, кога ќе ја почувствувам совршеноста на класиците од врвните композитори, успевам да ја достигнам неопходната духовна хармонија.

Вечерните часови  во текот на викендите ги користам за дружење. Многу често со пријателите одиме на чаша добро вино или пријатна вечера, а особено уживам во неформалните средби во домот на мојата пријателка Ирина и долгите разговори со мојот најдобар пријател Илија.

Со оглед на моите професионални ангажмани постојано се трудам да ги балансирам обврските, за да можам да се посветам не само на работата, туку и на себеси, на моето семејство, партнерот и пријателите.

Во овој дел морам да споменам  дека ги обожувам и патувањата,  истражувањето  на нови градови и места, а секое познанство со нови луѓе ми е непроценливо богатство.

Еден ден од викендот задолжително пуштам некој добар филм. Сепак поголем вљубеник сум во книгите. Собата ми е полна со книги од различни автори, а до креветот секогаш имам  книга, бидејќи читањето во вечерните часови ме релаксира и ми го одмора мозокот. Книгата е најдобрата алатка за релаксација, но и истовремена активација на мозокот. Особено уживам во книгите со криминалистичка содржина, со оглед на фактот што по вокација сум правник, па од дете пасија ми е кривичното право. Како една од многуте омилени книги би ја издвоила: ,,Заговорот Моцарт''.