Утринско Франк кафе со Павле Камилоски: „Мала Италија“ ќе патува во Бугарија

Омилениот дел од денот ми е рано изутрина. Секој ден претпочитам да се будам што е можно порано. Тогаш се буди и најкреативниот дел од мене во друштво на мојата љубов и топло нес кафе. Го обожавам тој секојдневен ритуал на половина час утринска тишина, свежи мисли и планирање на денот. По испиеното кафе, го започнувам мојот втор ритуал – спортувањето. Изминативе неколку години практикувам утрински фитнес, пливање или качување на Водно. По физичката активност следува туш и кралски појадок (високо калоричен) Денот може да започне!


Самата помисла дека го правам тоа што вистински го љубам, ми дава непресушен извор на позитивна и мотивирачка енергија. Ме мотивираат подготовките на моите нови музички проекти, одлично отпеаната проба, духовно исполнетите луѓе, длабоки пријателства, храбри луѓе кои прават сè за да ја остварат својата цел, позитивни сугестии од веќе докажани и успешни лица. 

Секојдневно работам на остварување на своите цели и вокални способности. Посветувам внимание по минимум еден час пеење во текот на денот, се состанувам со лица со кои соработувам на проектите кои допрва следат. Периодов, темпото на работа ми е значително забрзано бидејќи сме во подготовки за Мала Италија да отпатува во Бугарија. На мое огромно задоволство, на 27.12.2018, ќе одржиме предновогодишен концерт во Културно Информативниот Центар во Софија. 

Уживам во социјалниот живот. Денот секогаш ми завршува различно и спонтано, без посебни ритуали. Посетувам театри, концерти, ресторани. Секогаш наоѓам време за фамилијата, се гледам со моите пријатели, понекогаш сакам да зготвам вечера за мојата сакана и моите најдраги, сакам да се напијам чаша квалитетно вино, да слушам убава музика.

Обожавам добар филм и добра книга. Но, изминатиов период, слободното време го користам за моето ново хоби – сликање на платно.

И бидејќи сме на крај на годината, би сакал на сите читатели да им посакам ведра и позитивна мисла во новата 2019, одлично здравје и љубов во изобилие.