Утринско Франк кафе со Рамадан Шукри: Никогаш не се изморувам од музиката

Денот обично ми започнува со чај со многу лимон. Има денови кога утринското кафе го пијам подоцна и обично сам. Тогаш правам планови и се организирам што обврски имам тој ден да завршам. 

Ме мотивираат убави нешта како моите ученици, плановите и идеите кои моите деца ги споделуваат со мене. Неодамна мојот син имаше прекрасен концерт со филмска музика каде учествував свирејќи контрабас. Инструментот кој ми е прва љубов и со кој работев како водач на групата котрабаси во Македонската Опера и Балет цели 44 години, се’ до моето пензионирање. Во животот голема мотивација ми е и едукацијата. Многу генерации поминале  изучувајќи ја мандолината или гитарата. И ден денес изучувам деца да свират на овие инструменти. Ја сакам педагогијата и ми причинува задоволство кога сум опкружен со енергијата на младите. Тие секогаш внесуваат свежина и може многу да се учи од нив. Мандолинскиот оркестар е плод на мојата љубов кон музиката и кон едукацијата. 

Дневните планови и обврски варираат. Мислев дека откога ќе се пензионирам во операта ќе имам повеќе слободно време ама сум се излажал (ха ха). Правам аранжмани и програми за концерти како за децата кои ги учам, така и за Мандолинскиот оркестар “Скопје“ кој традиционално секоја година има новогодишен концерт. Така и оваа година, во декември се припрема тој концерт. Во денот секогаш наоѓам време за одмор. Одморот некогаш значи и видување со пријателите и поранешните колеги.

Пробите со оркестарот понекогаш го завршуваат денот. Често одам на концертите на македонската филхармонија каде што работи мојата ќерка. Како родител, ме исполнува кога го гледам чедото на сцена. Понекогаш фамилијарно гледаме некоја тв серија. Се случува до доцните ноќни часови да пишувам ноти, аранжмани, програми. 

Сакам убав филм, со драмска содржина. Иако ретко, но читам книги кои имаат мотивациска содржина и секогаш имаат некоја порака во себе. 

* Рамадан Шукри, музичар, водач на мандолинскиот оркестар „Скопје“