Утринско Франк кафе со Сара Кочан: Танчарите се моето второ семејство
Денот ми започнува со будење на мојата 3-годишна ќерка и подготовки и носење во градинка, а кога ќе се вратам дома ме чека кафе приготвено од мојот сопруг. Додека го пиеме утринското кафе, чекаме да се разбуди малата 8-месечна ќерка, па да продолжиме со дневните активности.
На работен план, секогаш има нов предизвик, независно дали е проект или иден натревар, па по утринското кафе појадувам и потоа официјално ми започнува денот со состанок или организирање на активности. Околу пладне ја земаме Емили-Нера од градинка и заедно со сопругот и малата ќерка Луна-Дариа ручаме надвор, или готвам јас во комфорот на нашиот дом.
Да, готвењето ми е пасија и верувам дека домашно зготвениот и здрав оброк е најважен, како за здравјето на семејството, така и за зближување на истото, па затоа си имаме секојдневен ритуал на семеен ручек, колку и да ни е зафатен денот. После ручек децата имаат дремка, а ние се подготвуваме за часови во нашиот клуб „Денсерс Јунајтед“, каде сме секој ден во попладневниот период, почнувајќи од 17 часот.
Најголема мотивација ми се напредокот и растот на моите танчари – моето второ семејство, кои пред мои очи растат и се издигнуваат во прекрасни спортисти и личности. Фактот дека и јас имам удел во тоа ме прави многу среќна и ме мотивира да бидам сѐ попосветена и поупорна во тоа што го работам.
Многу ми е важно да поминувам квалитетно време со моите деца и се трудам да ги вклучувам што повеќе во сите активности, па затоа се секогаш и секаде со нас. Кога ќе си дојдеме од работа вечераме заедно и со сопругот ги подготвуваме децата за спиење.
Откако ќе заспијат, ние знаеме често да останеме уште некое време и да поразговараме и направиме план за утрешниот ден и распоредба на обврски и активности.
Сакам, многу сакам да прочитам или книга или да погледнам филм, а тоа да не е цртан или книга со приказни... хаха. Порано многу читав книги, а сега со девојчињата се радувам и на кратка 20- минутна американска ТВ серија.
(Сара Кочан- сопственик на студиото за танци „Dancers United МК“)