Утринско Франк кафе со Славица Б.Мирчески: Јас сум родена да живеам покрај море

Денот ми почнува со петнаесет минути дремење во полубудна состојба и тоа ми е „најслаткиот“ дел од спиењето. Сè уште нерасонета ги подредувам парчињата од дневната агенда, обидувајќи се во таа сложувалка да направам место за да довршам уште нешто. Првото кафе, без исклучок, го пијам со сопругот. Си имаме своевиден ритуал, од кој не знам дали некогаш би сакала да се откажам. Го обожувам мирисот на тукушто сварено кафе, па и во текот на денот консумирам по неколку. 

Мотивацијата ја црпам од многу едноставни нешта- човечноста, љубовта, патувањата, студентите, новите проекти, слободата, морето... Да, морето. Многу често знам да речам дека сум била родена да живеам покрај море. Уште трагам по одговорот на прашањето зошто сум одбрала да се родам во најпланинското место во Македонија. Инаку, имам една посебна личност чијшто пат кон успехот ми е најголем мотив, па кога ќе ми падне енергијата секогаш се присетувам на неа и сè си доаѓа на место. 

Деновите никогаш не ми се „дежа ву“. Секој еден е различен и по обврски и по интензитет. Меандрирам помеѓу менаџирањето на сопствена компанија, обврски како консултант и предавања на факултет, патувања, конференции... а многу често тука не е крајот на листата. Еве на пример, есента ми е посебен период, кога на сето ова се придодава и организирањето на сè уште единствената конференција за дигитални комуникации кај нас, AllWeb. Октомври од пред три години е резервиран за настанот во Тирана, а еве седма година по ред, во ноември е настанот во Скопје. Така деновиве ми се исполнети со најразлични активности- од состаноци со потенцијални партнери и поддржувачи, преку купување карти и барање сместување за говорници, до сценографија, светло, озвучување, кетеринг... Сè што е потребно за тој ден, сите кои ќе бидат дел од AllWeb да имаат убаво искуство за паметење. И со нетрпение го чекам 16 ноември за да видам што сме сработиле со Дарко и тимот и како тоа ќе изгледа. 

Вечерта најчесто е резервирана за довршување на обврските што останале во текот на денот. Јас и мојот компјутер, еден на еден, знаеме „да си зборуваме“ до доцна во ноќта. Тешко се будам наутро, ама немам проблем да останам и доцна во ноќта да работам. Всушност, тогаш сум и најкреативна. Кога дозволуваат обврските знам да излезам со пријателите или со поширокото семејство, или пак да си посветам време само за себе. 

Сакам да читам. Всушност постојано и многу читам. За одмор и релаксација белетристика, за едукација и за работа стручна литература, истражувања, научни трудови. Во моментов читам Дигитален (пре) маркетинг од Драган Варагиќ, еден од говорниците на годинешната конференција. А телевизорот задолжително го вклучувам кога ќе легнам. Многу сакам филмови, ама ако ги гледам во кино. Кога сум дома некако не наоѓам баш време да изгледам цел филм, па сум задоволна со (половина) епизода од омилените ми серии. 

(Славица Биљарска Мирчески- ПР стратег и консултант и ко-организатор на AllWeb)