Утринско Франк кафе со Тамара Стојкова: Денот сакам да го почнам „на десна нога“

Денот секогаш гледам да го почнам „на десна нога“. Буквално. Сè ми е испланирано до минута – колку време ми е потребно да се подготвам, за колку време ќе стигнам на работа и, секако, колку време имам за да испијам кафе и да појадувам пред да почнат моите работни обврски. Не сакам ништо да е во брзање, тоа ме излудува. А кога сме кај кафето – благо турско со колегите е мојата совршена утринска гимнастика. Впрочем, така заедно го планираме денот, разменуваме идеи и теми што би можеле да ги работиме за вестите. Во викендите кога сум слободна, пак, утринското кафе го пијам во друштво со моите родители.

Адреналинот што го носи самата професија, запознавањето нови ликови, различни карактери кои треба да се доловат и пренесат на најдобар можен начин пред гледачите е несомнено моја неизмерна мотивација да станам најдобрата верзија од себе. Не залудно рекле дека човек е најсреќен кога го работи она што го сака, а мојата среќа е безусловна кога знам дека на широката маса јавност можам да приложам нешто во кое сум вложила труд и љубов. Секој ден е приказна сам по себе. Сакам кога секој ден раскажувам нови и возбудливи приказни. Сакам на крајот од денот да бидам задоволна од она што сум го сработила. Сепак, како и секоја класична девица во хороскоп – секогаш си наоѓам банални маани и недостатоци. Искрено, толку сум самокритична што ретко сум стопроцентно задоволна од своите текстови. Работите на кои гледам како на недостатоци ми даваат само мотивација плус да го извлечам максимумот  - преку вистинскиот вокабулар да се погоди целта. 

Дневни планови? Работа и сè поврзано со неа. Речиси цел ден ми поминува во „Канал 5“, со право можам колегите да ги ставам во категоријата „мое семејство“. По работниот ден обично следува кафе муабет или пијачка, во зависност од расположението, со пријателите или колегите од други медиуми.  Или, пак, на гости кај братучетките на кои сум им повеќе од добредојдена кога ќе дојдам, а тие седнале да учат. Па така пишуваме состави по македонски јазик, учиме граматика на англиски, цртаме пејзажи, решаваме равенки, се занимаваме со хемиски соединенија. Е тогаш сум се, само новинар не. Во деновите кога сум слободна, најчесто ги завршувам обврските кои не сум успеала да ги завршам преку работната недела. Викендите обавезно се резервирни за најважната споредна работа на светот. Повеќе фудбал и пиво, помалку шопинг. 

Имам повеќе ритуали што ги практикувам кога сум дома после долгиот и напорен работен ден. Неколку минути мир и тишина, сама со себе, „стагнирам“ и не сакам никој да ме вознемирува. Потоа ставам слушалки и на кратко се губам од реалноста. Вечерта не поминува ниту без некоја епизода од сериите на „Fox“ и „Fox Life“. Моментално сум навлечена на „Храбри написи“. 

Последниов период читањето ми се базира на новинарски текстови, истражувачки статии, документарци. Слободната литература како да ја запоставив. Кога читам, сакам тоа да биде нешто кое длабоко ќе продре до мене. Некоја добра психолошка книга, на пример. Или, пак, содржини кои разработуваат некои суштински теми како на пример човековото битие, разумот, религијата, универзумот.. Како жанр ја обожавам и драмата. Книгите кои си задоволство би ги прочитала уште стотици пати се „Ангели и демони“ од Ден Браун, „Будење“ од Ентони де Мело и единствениот и неприкосновен шекспиров „Хамлет“. Не сум голем филмаџија, но еден од поинтересните филмови кои ги имам гледано скоро е „Passengers“. Приказна која ме наежи до коска и која на еден прекрасен начин ја доловува една од најбруталните слабости на секоја жива единка – осаменоста.


(Тамара Стојкова- новинар)