Утринско Франк кафе со Татјана Ч.Чепреганова: Од малечка сум навикната на убава музичка нота

Денот ми започнува рано наутро, поточно многу зависи од тоа дали сум сабајле на работа или сум попладневна смена (можам да поспијам еден час повеќе). Инаку вообичаено до 8 часот ми е испиено првото кафе кое го варам сама, и сама го пијам, истовремено размислувајќи за сите обрски и работи кои ќе треба да ги завршам во текот на денот. 

Емоциите го покреваат човекот, а мотивацијата е гориво кое треба да се користи кога се презема некаква акција. Конструктивната мотивација  произлегува од човековото познавање за она што го сака во животот, она што сака да го оствари и неговите вредности. Главно гориво кај мене е работата која ме прави среќна и исполнета.

„Задоволството во работата дава совршеност во делото“, затоа е многу важно да се одбере правата животна професија.  

Дневните планови и обврски ми се бројни, се случува понекогаш истите да си ги запишам по ред и етапно во текот на денот да бидат завршени. Секојдневното пазарување за домашни потреби, работата во болница со пациентите, обврските околу моите две деца, секојдневниот разговор и советување со нив, подготовка на предавања за студентите, дружбата со пријателите... се само дел од моите секојдневни обрски, а верувајте ми ги има уште пет пати по толку.

Најмногу сакам кога денот ќе ми заврши дома,со фамилијата, раскажувајќи секој како го поминал денот, или со некоја вечера во друштво, или со чаша испиено вино или кога после некој тежок и напорен ден ќе се облечам во пижами и пуштам добар филм. 

Кај нас дома често пати се слушa добра музика која знае да ме изрелаксира и одмори. Музиката ми е во гените, од малечка сум навикната на убава музичка нота, па затоа и не случајно собиранките со пријателите и роднините секогаш ни завршуваат со песна и игра. 

Летно време сакам да читам многу книги, додека зимата ја поминувам гледајќи добри филмови во домашен амбиент или во кино.


(Д-р Татјана Чепреганова-Чанговска, невролог во „Аџибадем Систина“)

Модната комбинација од колекцијата на „Bella“, во коja e облечена Д-р Ч.Чанговска погледнете ја ТУКА