Утринско Франк кафе со Весна Ѓиновска-Илкова: Кога децата ќе пораснат, останува време за нас

Утрата ми започнуваат прилично секојдневно. Малиот син и сопругот излегуваат за школо и за на работа. Јас одам малку подоцна, и кафето обично го пијам сама со убава утринска музика. Следува разговор на FaceTime со големиот син кој студира надвор од МК. Работата на факултет со студентите ми започува во 11 часот.

Имам време да ги завршам некои од секојдневните обврски. Ме мотивираат позитивни и реализирани луѓе. Најнормални во своите мислења и ставови. Ме мотивира музиката, филмот, книгата. Мотивацијата е еден дел доволен за да се запали желбата за реализација. Работа на театарот, проекти кои самата ги водам, и нормално работата на факултетот. Сето ова бара прилично време и енергија која засега не ми недостасува.

Навечер многу почесто во последно време посетувам концерти, претстави, изложби. Веројатно се должи на тоа дека децата се веќе големи и вечерта останува за дружење на било каков начин. И морам да признаам дека овие вечерни посети ми недостигале . Тоа сега го гледам. И убаво ми е, морам да признаам.

Во кината со сопругот сме присутни исто колку и на претставите и концертите. Како што кажав, кога децата ќе пораснат, останува време за нас двајца. Како некогаш.

* Весна Ѓиновска- Илкова, оперска првенка и професор по пеење на ФМУ