Утринско Франк кафе со Влатко Огненовски: Додека готвам си пеам и се забавувам

Јас сум по природа ранобудник и му се радувам на секое утро. Најпрво ме буди мојата пудлица Зое, околу 6 часот наутро и за кратко време почнува денот во градината со првото кафе.

Утрото е многу важен дел од денот, а ме мотивира секој нов ден во кој ќе се разбудам здрав и жив, бидејќи тоа значи дека и денес можам да создавам. Некако таму ја наоѓам смислата на нашето постоење, а мотивацијата ја црпам од сѐ убаво што ме опкружува. Сакам многу да работам, мислам дека работата целосно ме исполнува.

Веднаш по првото утринско кафе ги скицирам плановите за тековниот работен ден и заминувам на моето работно место, а тоа е во ресторанот „Пастел“. Таму појадувам топол кроасан и веќе ги правам првите набавки за тековниот ден и ги одлучувам јадењата на денот, оние кои ќе бидат на листата на препораки за нашите гости.

Потоа почнувам со готвењето, се внесувам максимално и уживам во она што го готвам, си пеам и се забавувам. Работата ми е големо задоволство.

На крај на денот сум преморен и исцрпен, но многу задоволен. Зборуваме за оној убав умор, кога си ги завршил обврските, сите гости се задоволни, сите тие уживале во храната и те пофалиле. Па иако сум здробен од работа, си легнувам пофален.

И суштината е во тоа кога луѓето околу тебе се задоволни, се наоѓаш во едно позитивно енергетско поле. Затоа заспивам веднаш.

Книгите ги прочитав, филмови гледам ретко, а кога имам слободни часови ги користам во моето ателје за творење. Сликам, вајам и работам мозаици.

(Влатко Огненовски, шеф во кујната на ресторан „Pastel Wine & Dine“)