Утринско Франк кафе со Зоран Џорлев: Новиот албум е мојата среќна мисла

Денот ми започнува вообичаено со утринските физички вежби. Тоа ми стана секојдневна навика. До пред 8 години додека бев пушач, утрински ритуал ми беше на раат да го испијам првото кафе па потоа започнуваа обврските. Откако не пушам веќе 8 години, првото утринско кафе го пијам по појадокот. Најслатко ми е кафето во викендите кога сум дома и го пијам во друштво со мојата Офелија.

Ме мотивира искрената љубов, искрените пријатели и фанови, семејството, убавата музика. Тоа ми дава сила да не се откажам да го одживеам сонот. За жал во последно време сѐ почесто гледаме и се разочаруваме од луѓе и ситуации, водени и предизвикани од личен интерес и лажно пријателство. Знаете, кога намерите и чувствата ви се отворени и искрени, без скриени мисли, се надевате дека и останатите размислуваат на ист или сличен начин, но за жал не е така. Некако со моиве години што ги имам, сѐ уште изгледа гледам со розови очила, но сепак не можам да се откажам од начинот на кој што работам и живеам.

Дневните примарни работи ми се врзани со педагошката работа во ДМБУЦ Илија Николовски Луј во Скопје, како Професор по виолина и камерна музика. Работата со младите ми е задоволство и им се радувам на секој нов успех. Се трудам максимално да се посветам на младите генерации, со цел да доживеат моменти, кои ќе ги направат исполнети и среќни, и се надевам дека, барем донекаде успевам во тоа. 

Остатокот од времето го поминувам со семејството но сепак во основа се е врзано со музиката. 

Деновиве сум преокупиран со моментите од промоцијата на новото ЦД ”Свирете ја зајди зајди” и буквално секој ден деновиве кога ќе се разбудам, овој албум е мојата “среќна мисла”.

По сите обврски во текот на денот, по некое попладневно кафе со пријателите, најчесто на крајот од денот сум дома, и вистински уживам во тоа. Се радувам на заедничката ручек-вечера со семејството, разговорите за тоа како поминал денот, кои се утрешните обврски, договарање за можноста да поминеме некои заеднички моменти со децата, или со некои блиски пријатели. 

Убав и релаксиран крај на денот е, кога не е премногу доцна, да прочитам неколку страници пред спиење. Но, уште поубаво се чувствувам, кога и покрај обврските, децата се организираат и наоѓаат време заеднички да изгледаме добар филм. Всушност, ние четворица сме чести посетители на кино салите и ги пратиме светските филмски хитови, а повремено организираме и домашни филмски вечери.