Утринско кафе со Александар Петрески: Ќеркичките Андреа и Ана ми се неисцрпна инспирација

Денот ми почнува во 05 и 30 часот. Станувам што побрзо, да го исклучам алармот за да не ги разбуди сите дома, и се разбира прво што правам е кафе кое ми е неопходно за да почнам да функционирам. Додека чекам да се подизлади, се подготвувам за на работа, односно се трудам да го најдам одговорот на прашањето што секој ден си го поставувам-која комбинација да ја изберам?


Откако ќе се подготвам за на работа прелистувам на Интернет да видам кои се последните и најнови информации и го пијам првото кафе во друштво со мојата сопруга, а во тие десетина минути паѓа и планот за дневните обврски кои ги имаме околу семејството...

На работа стигам околу 06 и 15 часот и започнувам со подготовките за утринските вести на Канал 5.


Што ме мотивира? Се разбира на прво место се моите две ќеркички Андреа и Ана кои ми се неисцрпна инспирација и мотивација и кои ми даваат неисцрпна енергија, ми ги полнат батериите, потоа поддршката која што ја добивам од семејството, позитивната работна атмосфера, тука не смеам да ги изоставам луѓето од утринската и информативната редакција со кои секојдневно заедно ги започнувам работните обврски, желбата да ги имам прв информациите и истите да и ги соопштам на јавноста, предизвикот да застанам пред огромен аудиториум и со целата сериозност и одговорност на мојата професија да ги споделам првите и најважни информации со кои сите го започнуваме денот ...Секако ме мотивира креативноста, вистинските пријателства, убавата музика, патувањата особено навраќањата во мојот роден град Прилеп.


Моите работни обврски во Канал 5 почнуваат со првите утрински вести во 06 и 55 часот, со до 14 часот. Работата е динамична и секој ден е различен во зависност од случувањата во земјата и светот. Се трудам максимално професионално да и пристапам на работата и среќен сум што имам можност тоа да го правам пред голем аудиториум односно што имам шанса да се обратам пред голем број гледачи.


Секое попладне максимално го користам да поминам што повеќе време со семејството, прошетка во парк, возење велосипед, гледање цртани филмови со Ана и Андреа. Знам и да заглавам со маратонски разговори на телефон со луѓето кои секогаш ми го разубавуваат денот, а понекогаш одвојувам и време за кафе со пријатели, опуштено во некој локал. Сакам театар и секогаш кога имам можност го посетувам. Секогаш сум расположен за гледање добар филм но никогаш не успевам да го догледам до крај.