Утринско кафе со Александра Нелковска: Предизвик ми се колеги кои ја доживуваат работата како игра и натпревар за постојано усовршување

“Начинот на кој го почнувате денот го одредува начинот на кој ќе го живеете денот” - вели еден познат мотивациски говорник, што го прави утрото најважниот дел од денот. Можеби звучи клише но мојот утрински ритуал започнува со убаво македонско кафе заедно со мојот сопруг задолжително пропратено со добра музика за која тој е одговорен. Заеднички правиме агенда за тековниот ден и разговараме за теми и предизвици со кои се соочуваме во секојдневието.


Работниот ден започнува со планирање на неделните обврски заедно со моите колеги од секторот за банкоосигурување на заедничка координативна средба. Огромен предизвик за мене е тоа што работам со колеги кои ја доживуваат работата како игра и натпревар за постојано подобрување и усовршување и поради тоа креативната енергија на поединецот доаѓа до полн израз.

Горда сум и ме инспирира тоа што колегите со кои работев заедно во тимот успеаја интерно во компанијата кариерно да напредуваат бидејки постои синергија и почитување кои се најбитен предуслов за личен развој и успех.


Имам среќа во кариерата да работам во компании кои имаат високо ниво на свесност и одговорност кон животната средина како што е Кроација Осигурување, која преку одредени стимулации и  воспоставени работни практики ги мотивира вработените да се однесуваат одговорно, што за мене е многу битна релација.

За мене секогаш на прво место е семејството и затоа секој слободен момент го користам да уживам со нив на најдобар и најзабавен можен начин.


Како поранешен спортист сметам дека рекреативното спортување треба да биде задолжителен дел од секојдневието, па така задоволство пронаоѓам во пешачење на кеј, планинарење и возење точак кое претставува мое основно превозно средство.



*Александра Нелковска – менаџер за банкоосигурување  (менаџер за развој на финансиски институции - Кроација Осигурување)