Утринско кафе со Александра Спасевска: Утринското гушкање со синовите го замени алармот

Денот ми започнува прилично рано, вообичаено помеѓу 6:00 и 6:30. И ако до пред неколку години тоа ми беше голем напор со константно стискање на „snooze“ копчето, веќе две години немам вклучено аларм. Сега, овој дел од денот ми е еден од омилените бидејќи утринско гушкање со синовите ја замени потребата од аларм. Додатен бонус е што секогаш е позитивен почеток полн со љубов и најава за убав ден. 

Откога одлучив дека сакам повеќе да внимавам на себе и го променив начинот на исхрана, појадокот си доби редовно место во утринските ритуали и го истисна кафето како потреба. Па така првото утринско кафе го пијам се подоцна, на работа заедно со колегите во разговор за она што ни претстои во работниот ден и седмица.

Најголема мотивација ми е семејството, сопругот Ефто кој ми е најголемата поддршка и сила и синовите Дамјан и Давид со кои секој ден е нова авантура. Неизмерно многу ме мотивира и работата, секој ден. Работејќи во организација како СОС Детско село Македонија чија примарна цел е да се грижи за децата и младите од најранливите категории, мотивацијата извира постојано. Ме мотивираат детските насмевки, ме мотивира секој успех на овие деца и млади луѓе, ме инспирира тоа што се големи борци за подобро утре и храбро чекорат и грабат напред во животот. Ме мотивираат и позитивните луѓе полни со енергија која секогаш гледам да ја преточам во нешто убаво.

Работата која ја работам е прилично динамична и секојдневно исполнета со предизвици, и токму поради ова ниту еден ден не е ист како претходниот. Ова го сметам и за еден од најголемите благослови. Јас сум динамична и комуникативна личност и овде комплетно се пронајдов себеси. Постојано сум посветена на низа различни проекти истовремено, и таа разноликост ми е голем двигател. Како одговорна за обезбедување на фондови за организацијата и за комуникации, денот ми е исполнет со многу средби и состаноци. Постојано среќавам нови и инспиративни луѓе кои ме полнат со позитивна енергија.

Попладнето без исклучок им е посветено на најблиските. Се трудам секој ден, на децата, да им го направам поинаков и ново доживување. Играме заедно, одиме на прошетки, се дружиме многу...Крајот на денот вообичаено е во друштво на сопругот, секогаш кога времето ќе ни дозволи, седнуваме заедно во релаксирана атмосфера и интересни разговори. Полека и му се враќаме на ноќниот живот, кој оправдано беше ставен на пауза, па така и вечерните излегувања со пријателите се убава завршница на работната седмица. Викендите пак, секогаш кога имаме можност ги поминуваме подалеку од Скопје, во природа, како одличен начин за полнење на батериите и ре старт пред нова седмица исполнета со обврски.

Книги сакам да читам, а читам се поретко. Немањето време никогаш не е изговор за непрочитана книга, и се надевам дека наскоро ќе можам да им се посветам малку повеќе. Последната прочитана ми е од наш автор, Владимир Ристевски,  „Исповеди на еден психотичен ум“, која чинам ја прочитав во еден здив и топло ја препорачувам како една урбана, па и скопска, приказна преточена во три раскази со интересен заеднички крај. За филмови време исто така имам се поретко, почесто гледам забавни серии како „Lucifer“, „Suits“, „Scandal“ и сл.


(Александра Спасевска- Експерт за обезбедување на фондови и комуникации во СОС Детско село Македонија)