Утринско кафе со Александра Тимковска: Ме мотивираат и позитивни луѓе, затоа оние другите ги заобиколувам онака во широк лак

Утринскиот ритуал за расонување ми е стандарден каде и сум – шолја кафе, пред сѐ. Во зависност од тоа какви ми се обврските во состојба сум да станам и, би рекла, во рани зори само за да не го пропуштам моментот на молчење со кафе. Тие десетина минути ги користам за да се расонам и да си се потсетам на тековните обврски. Често ми се случува деновите да ми се хаотични, па затоа овие „украдени“ десетина минути љубоморно си ги чувам. Мои си се и не ги давам.

Успешно завршена работа, проект... е најдобрата мотивација, а кога за истата ќе пристигне и соодветно признание, макар и само едно браво, тогаш среќата е бесконечна. Ме мотивираат и позитивни луѓе, затоа оние другите ги заобиколувам онака во широк лак. Не знам дали е до хороскопот или упорноста и желбата за натпревар, ама не ми вели не можеш, не смееш, не знаеш... Тогаш не стигам далеку, туку многу подалеку.

Дневните обврски зависат од тоа дали сум Александра новинарката од пишаните медиуми која е во трка со дневните настани, онаа што работи ПР или имам снимање и ангажман околу тв-проектот „Мастраф мубает“. Кога денот е посветен на снимањето е тогаш има „трчаница“ од бирање гардероба во Reserved, средување на косата кај Бубе Студио Ин, до одење на потребната дестинација и работа на терен до бесконечност. А токму овој дел и ми е најлесниот – тоа сум јас. 

Адреналин, разговор со убави луѓе, раскажување убави приказни, запознавање делови од нашата убава земја, кои некако забораваме или можеби не знаеме дека постојат. Драго ми е што сум дел од овој проект, овој убав тим, а уште подраго ми е што коментарите се позитивни и во насока на тоа дека и ние сме имале многу убави места, но ете некако сме немале желба, можност, навика... да ги посетиме, запознаеме, откриеме. Дека оние кои ги раскажуваат приказните ги претставуваме во едно поинакво светло, светло какво што публиката немала можност да ги види. Без глума, лажен сјај, измислен гламур.

И да, можеби некому сите овие наброени ангажмани му делуваат многу, хаотично, но некако низ годините навикнав да ме има на повеќе страни. Едноставно не знам да одморам и кога треба да го правам тоа, наоѓам некоја „занимација“... 

Крајот на денот зависи од тоа што се случувало во него. Може да е со молчење, може да е и работно, а најубаво е кога сум си со драгите луѓе - пријателите, семејството, оние кои ги сакам... Локацијата не е важна, важна е атмосферата. И не е важно да бидам видена, туку кого гледам пред мене и да ми е убаво и топло на душата.

Книга или филм – вечна дилема?! Со оглед на тоа дека по професија всушност сум дипломиран лектор некако сѐ помалку ми останува да читам заради себе, од љубов или желба... Се чита зашто мора и да се живее.

Кога се филмовите во прашање, изборот често паѓа на некои полесни приказни бидејќи некако не ги сакам оние за кои, често велам, треба да фаќаш белешки кој со кого, како, што... Изборот најчесто паѓа на приказни кои релаксираат, забавуваат...

* Александра Тимковска, новинарка, водителка на тв-проектот „Мастраф мубает“