Утринско кафе со Ана Чаловска: Уживам во малите нешта

Мојот будилник наутро не е кафе, туку некоја поздрава варијанта на „расонувач“. Многу ретко се случува да се напијам пред да доручкувам, но затоа пак отпосле уживам во вкусот и вообичаено пијам по едно во текот на денот. И често го „здружувам“ со нешто благо. Кога сум дома за време на викендите и ако не излезам на кафе-муабет со друштво, понекогаш целиот ритуал е придружен со книга или пак разгледувам сајтови и профили на Instagram, Tumblr, Pinterest, чија естетика и приказни ме инспирираат. А да, и внимателно го одбирам филџанот. И ги почитувам кафулињата кои тоа го прават. Кафето повеќе ми е асоцијација за уживање отколку само потреба од доза кофеин.


И ова е еден вид мотивација, да се ужива во малите нешта. Се ближи пролет, а веќе имаме и сончеви и потопли денови и сето ова му дава дополнителен елан и енергија на зимурлив човек како мене. Мојата примарна работа е менаџер за авторски права во издавачката  куќа ,,Арс Ламина''. Мило ми е што моите ангажмани и оние на моите соработници се здружени за да го овозможат издавањето на крајниот продукт – книга, и што сум во контакт со културни и интересни луѓе од таа фела. Покрај овој професионален ангажман, повеќе од 4 години сум преокупирана и со мојата работа на сајтот „Скопје се носи“ (www.skopjesenosi.com.mk), кој се труди да го истакне индивидуалниот израз и автентичниот печат на скопјани, преку стилот, што е само отскочна штица за понатамошно разоткривање на личноста и на случки поврзани со културниот живот тука, а и пошироко. Ја поддржува потребата да се биде „свој“ и создава значајна културна архива на еден период. 


Ме мотивира разговор со луѓе кои се широки во умот и духот, оние кои даваат потстрек и зрачат со убава енергија. Мотив ми е остварувањето на моите цели. Поддршката од моите најблиски. А ме мотивираат и ми се потребни моментите на „сам со себе“, на мир и тишина. Тогаш откриваш што точно ти треба и сакаш, ги полниш батериите. Знам и да „киднам“ на патување, макар и на еден ден, и да си угодам. Тоа секако ги отвора видиците и дополнително дава инспирација. И готвењето често знае да ме релаксира и исполни, го гледам како начин на креативен израз. Одвојувам и време за вежбање, пилатесот некако ми влезе под кожа. Како ми завршува денот? – Немам некоја шема. Зависи и од тоа како се чувствувам а и дали имам некои активности поврзани со сајтот. Гледам да издвојам време за работите кои ми пријаат, и да бидам во друштво на омилените луѓе.