Утринско кафе со Ана Дојчиновска: Никогаш не се откажувам од своите цели

Отсекогаш станувам рано, ги сакам утрата кога сите спијат, ја сакам тишината... сама го пијам утринското кафе. Сакам мирно да се подготвам за денот и обврските што ме чекаат. Не сакам да брзам, и не знам дали некогаш се случило да задоцнам на работа или на било кое друго место.

Организираност, желба за работа, ред и дисциплина, се основните начела врз кој се темели мојот приватен и професионален живот... никогаш не се откажувам од своите цели, секогаш гледам да најдам решенија и секогаш ги наоѓам.

Сакам и ме импресионираат луѓе кои се амбициозни во секој поглед на животот, упорни во остварувањето на своите цели и кои никогаш не се откажуваат од порази.

Среќна сум што сум опкружена со колеги кои ја сакаат работата што ја работат. На своите вработени се трудам да им овозможам пријатна работна средина за да можат да се искажат во своите квалитети, и спремна секогаш да ги наградам или пофалам. Тоа се вработени на кои можам секогаш да се потпрам. 

Воглавно дневните планови не се разликуваат многу, не сум авантуриста по природа, но сакам да ризикувам, и сакам да ми е сè испланирано однапред. Работата ме исполнува најмногу, а особено после добро и успешно завршен проект или задача. Одговорноста која ја имам, ме мотивира секогаш да го дадам најдоброто од себе. Сакам да добивам задачи, да решавам проблеми и да истражувам, и тоа не само во мојата област на работа туку и пошироко.

Вечерта ми е најубавото време од денот, кога се посветувам на моите сакани, на мојот син Марио и на самата себе. Ретко излегувам и преферирам да останам дома. Сакам да ми е убаво дома, вложувам во убави ентериери, и најубаво ми е кога ќе ги средам сите обврски од денот, да седнам и да се напијам кафе.

Книгите ги обожувам, особено автобиографските. Последна што ме импресионира е контроверзната на Адолф Хитлер ,,Мојата Борба,,  (на германски „Mein Kampf“).


(*Ана Дојчиновска- директорка на правна служба во Diners Club Macedonia)