Утринско кафе со Ана Марија Кузмановска: Мотивација наоѓам во желбата за личен развој

Добивај вести на Viber

Утрата ми се можеби најважен дел од денот и утринската рутина е тука за да ми тргне денот убаво, со здрави навики и со добар план за сите обврски во денот. Денот го започнувам со кафе, кое обично го пијам сама додека читам неколку страни книга, моментално тоа е „Сапиенс“ oд Јувал Ноа Харари. Потоа ја спремам опремата за вежбање и тргнувам во теретана каде што го поминувам следниот час од утрото 4-5 пати во неделата. Утринската рутина ми завршува со брз доручек и мало раскревање низ дома и тогаш официјално ми започнува работниот ден.


Никогаш не ме мотивирала само една работа. Ја наоѓам мотивацијата во желбата за личен развој, во секој предизвик и неговото надминување, во учењето нови работи. Како диететичар, секогаш сакам моите клиенти да ја добијат најдобрата услуга и ме мотивира секоја позитивна промена, секоја работа со различни луѓе и постигнување позитивни резултати.



Овој период од животот деновите ми се многу понапорни од обично, но знам за што работам и што сакам да постигнам и тоа ме движи и ми дава некоја сила. Почнувам со работа околу 10 часот и до 4-5 часот спремам, фотографирам, едитирам содржини за веб-страната на којашто работам. Потоа денот ми продолжува со работа на компјутер и тоа моментално е работа на веб-страната, слушање курс или на некои останати проекти. Викендите ми се повеќе фокусирани на домашните обврски, пазарење за следната недела, планирање оброци, обврски и секако одмор.

View this post on Instagram

A post shared by Ana Marija | Dietitian (@anamarija.kuzmanovska)


Денот ми завршува со најблиските и вечерите изгледаат едноставно. Шетање на кучето, раскревање низ дома, ноќна рутина за кожата, ако не сум преморена читање книга и заспивање околу 10 часот.


Во 2022 книгите непланирано станаа мојата нова љубов. Секогаш сум сакала да читам и обично сум бирала книги за личен развој, но можеби и поради факултетот и константната потреба да правам повеќе работи во исто време, навиката за читање не ми траела. Скроз непланирано, почнав да читам една книга два дена пред новата година и сега сум на шестата книга од 2022 година.


(*Ана Марија Кузмановска - Диететичар и Диетотерапевт)