Утринско кафе со Ана Митевска: Бескрајните можности на апстрактната уметност ме инспирираат да ги поместувам границите

Денот, во текот на работната недела обично го започнувам со арома на свежо сварено кафе, какао или пак продолжено еспресо, најчесто во друштво со нашиот петти член, миленичето Боно, потоа со мојот сопруг, но и со моите две ќерки. 

За мене, кафето не служи само за зголемување на концентрацијата и енергијата, би кажала дека се работи и за ритуалот. Чинот на подготовка, мирисот и вкусот на тој прв утрински филџан му дава позитивен тон на денот што претстои.

Правењето кафе е уметничка форма сама по себе, но јас не се сметам за некој голем експерт споредувајќи се со оние кои уживаат во неговото создавање.


Додека кафето дава почетна искра, јас црпам енергија и од мојата страст за апстрактната уметност. Процесот на создавање, истражување на нови техники и оживување на моите визии ме поттикнува да останам креативна во текот на денот.

Најголемата мотивација произлегува од желбата да се изразам преку моите уметнички дела. Бескрајните можности на апстрактната уметност ме инспирираат да ги поместувам границите, да експериментирам со неконвенционални идеи и континуирано да се развивам како уметник.

Како уметник, но пред сѐ и мајка, и сопруга со многу активности и дневни планови, успевам да најдам време за сѐ , вклучувајќи ја и организацијата и подготовките за мојата следна самостојна изложба „ Приказни во Тиркиз-Извор на животот“ која ќе се одржи на 14. март во Музејот на град Скопје.


Денот не ми завршува стереотипно, постојано е потопен во креативност бидејќи сликам во доцните часови, но наоѓам време и да се релаксирам со вечерни прошетки, дружење и забава со пријателите и најблиските. 

За добри филмови и книги секогаш сум расположена, но во деновите какви што ми се изминативе неколку месеци, во кои максимално сум вложена во процесот на сликање и  подготовки за изложбата, речиси е невозможно да најдам време за книга и филм. 

Денот го започнувам и завршувам со едноставна, но длабока мисла: „Прегрнете ја убавината на непознатото“. Служи како потсетник да му пристапам на секој ден со љубопитност, отвореност и подготвеност да истражувам нови можности и во уметноста, но и во животот.



*Ана Митевска - Уметник