Утринско кафе со Ана Пандевска: Деновите кога подготвувам концерти се поразлични од „обичните денови“..

Во последниве 5, 6 години сум утрински човек, станувам доста рано околу 6:30 без никаков проблем.

Прво што правам е утринско кафе со партнерот, после кратка дебата за тоа кој да го прави кафето

Нормално секогаш тој го прави заедно со спирулина која ни е најнов хит, наместо смути.

Турско кафе, муабет и музика. Обично така рано слушаме некој од скандинавците Олафур Арналдс, Јохан Јохансон или амбиентот на Брајан Ино, Вилиам Басински, а често и џез од типот Нилс Питер Молваер, Буге Васелтофт, Сидсел Ендерсен, Марцин Василевски трио, Колин Валон трио и сл. Но тоа кратко трае, зошто следат подготовки за дневните обврски.


Ме мотивираат моите најблиски, семејството и партнерот. Ме мотивираат добри луѓе, едноставни луѓе со кои лесно се разбирам, луѓе со искрена и ненаметлива енергија и професионалци. Не поднесувам аматеризам, малограѓанштина и луѓе кои не се од збор.

Колку помалку слободно време имам толку повеќе сама си задавам обврски и се обидувам да постигнам се што сакам да реализирам. Се обидувам да направам баланс помеѓу креативната – композиторска работа и онаа административната. Двете од областа на културата но дијаметрално различни, згора на тоа секако  не се откажувам ни од педагошката работа, часовите по пијано со дечињата кои ми го развеселуваат секојдневието. Се обидувам секој ден да компонирам,  дури и ако  утре дента тоа  го избришам, променам, доработам зошто ако чекам инспирација сама по себе од небо да ми падне, можно е да треба долго да чекам. 

Деновите ми се исполнети со многу музика, слушање и анализирање на различна музика по стил и жанр, па кога ќе налетам на нешто што посебно ќе ми го привлече вниманието дури тоа да е  и некој краток сегмент од дваесетина секунди знам со денови да се навраќам на тоа место од парчето музика, знаејќи дека ќе ми помогне како идеја за некое мое дело. Се радувам кога ќе откријам некој автор, состав или изведувач кој претходно не сум го чула, а има нешто во музиката која ја создава што ми се допаѓа. Тогаш почнуваат истражувачките процеси сакајќи се да дознаам за таа музика и авторот.  Во последно време сум посебно фасцинирана од Исландската школа за современа музика и композиторите како Ана Торвалдсдотир и Даниел Бјарнасон, а секако не се откажувам ни од постојаното навраќање на минималистите Стив Рејч, Џон Адамс, Арво Парт . . .

Деновите кога сум во подготовка на концерти се поразлични од другите “обични денови“ зошто тогаш морам да ги активирам и своите организаторски способности, тргнувајќи од објави по медиуми, распореди за проби, координација на изведувачи со техничка опрема, обезбеден простор, печатење промотивен материјал и сл. Еве сега овој период е актуелна премиерната изведба на мојата композиција “Електроакустична симфониска поема – Скопје“ во изведба на оркестарот при Македонска Филхармонија и Диригентот Тимоти Редмонд. Така што сега уживам во процесот на проби и дружење со музичарите и диригентот. Композиторската работа е индивидуална и  за нас ваквите изведби се едно посебно доживување, бидејќи ние композиторите од областа на сериозната музика почесто имаме контакт со камерни ансамбли или соло изведби, а ваквите оркестарски изведби се реткост што се надевам ќе се промени. Исто така олеснителна околност е кога стои институција позади организирање концерт, па обврските се малку порастеретени.


После сите обврски кои ми завршуваат околу 20 часот, шетам куче и одам на кафе кај мајка ми. Најслаткото кафе во текот на денот е токму тоа кога ги споделувам сите случки убави и неубави  со неа, а притоа знам дека дури и кога не  е расположена ќе ме слуша и советува. Секако после напорниот ден кој нема крај, спортувам кардио на трака околу половина час и фитнес со домашна опрема. Вечерта секако ја завршувам со партнерот, гледајќи некој филм или серија за кои секогаш имаме расправија околу изборот, пошто вкусовите не ни се баш исти. Хахахха, а за викендите често знаеме и да си направиме мезе пред телевизор и да уживаме со филм или концерт или да одиме во маалскиот кафе бар “Конак“.

За читање немам воопшто време, а филмовите  морам да признаам дека многу често ги преспивам, не поради тоа што се досадни или не ме интересираат туку од умор и сите дневни обврски заспивам во првите 15 минути.

Пред пандемијата често одевме на вечерни концерти, но еве веќе година дена избегнуваме гужви поради вирусот, така што претежно сме дома навечер.


(*Ана Пандевска - Композиторка)