Утринско кафе со Андреа Коевска: Секој ден се трудам да остварам некоја цел

Не сум љубител на кафе, па денот ми започнува на друг начин. Се будам, го земам телефонот во раце и гледам што се случило на социјалните мрежи. Потоа се подготвувам за факултет, ставам слушалки и одам пеш накај факултет. Ова всушност ми е рутина на некој начин.

Не правам дневни планови, сѐ се случува спонтано. Не сум тип на човек што сака однапред да се договара, бидејќи не знам како ќе бидам расположена во тој момент. Секојдневни обврски ми се да одам на факултет, ако ми се јави Масевски да поминам во студио да напишеме или да снимаме нешто.

Тоа што ме мотивира е многу едноставно. Сакам да правам музика, сакам да пеам. Секој ден се трудам да остварам некоја цел, што самата си ја имам поставено. Имам идоли што ги слушам, од кои учам и тие се всушност оние кои ме мотивираат и инспирираат да станам најдобрата верзија од себе, целиот потенцијал што го поседувам да го искористам.

Денот ми завршува со шетање на моето куче низ населба како еден вид медитација после цел ден од стресови. Вечерта ја поминувам во соба гледајќи серија или пак ќе отидам кај брат ми во соба да играме на ПС4, бидејќи сум голем обожавател  на видеоигри. Иако е ретко, се случува да излезам со другарка, да се повозиме и да правиме релаксиран муабет на било која тема.

Сакам да гледам филм, но сакам и да читам книга. Двете се посебни на свој начин, будат различни чувства. Зависи од тоа колку сум уморна и за што сум повеќе расположена. Кога сакам да се одделам од реалноста ќе земам да читам книга, но имам денови каде што не ми се прави буквално ништо и ќе се стуткам во кревет и ќе си пуштам филм.

* Андреа Коевска, пејачка и авторка