Утринско кафе со Ања Ветерова: Mе мотивираат разговорите со мајка ми
Секое утро ми започнува со проверка на мојот меил, бидејќи морам да бидам во чекор со подготовките за Беркли. Потоа трчајќи одам кон собата на брат ми и во неговите прегратки ја добивам енергијата за да го продолжам денот. Кафе не пијам, бидејќи не ми е потребно, но секој ден сум исполнета и среќна од луѓето околу мене.
Ме мотивираат среќни и исполнети луѓе. Луѓе кои ги следат своите цели. Но најмногу ме мотивираат разговорите со мајка ми, која секогаш знае да ми го даде најпотребниот совет. Начинот на кој таа ме доживува и гледа во иднината е мотивација за сите мои минати и идни успеси.
Овој период своите обврски ги пренасочив кон селидбата за Америка, бидејќи тоа е процес кој не се завршува така лесно. Секој ден пакувам и се гледам со луѓе кои сакаат да ме испратат и да ми посакаат среќа и успех. Заминувањето се ближи, па така и обврските стануваат се поголеми.
Секој ден го завршувам различно. Во некое кафуле со пријатели, кино, диско или дома со моите. Сепак денот го завршувам со луѓе кои ме прават среќна. Дефинитивно сакам да прочитам книга која ќе го збогати мојот речник. Многу го сакам авторот Гијом Мисо и го препорачувам на сите читатели кои сакаат да прочитаат убава емотивна приказна, особено сега во летните денови.
( Ања Ветерова- пејачка)