Утринско кафе со архитектот Лидија Маленкова: Ме мотивира сонцето

Чаша вода ми е стартот на денот. Знам дека е здраво, а и го навикнав така телото па веќе само си бара. А одма после тоа и нес кафето кое си го спремам во шолја – термос затоа што половина го пијам дома дури се шминкам а истовремено си го кажуваме каков ќе ни биде текот на денот и мојот и на ќерка ми. Другата половина од кафето го пијам по пат во кола прво до училиште а потоа и до работа. Крајот од кафето си го пијам со колешките уз муабет! …кога ќе се присетам, утринските кафиња сум ги пиела различно. Со различни луѓе на различни места во различни ситуации. Ме радува тоа затоа што не ми биле монотони утрата. Второто кафе е веќе по на раат.


Многу ме мотивира сонцето. Ми делува времето. Кога ќе отворам очи и видам преку дупчињата на ролетните дека влегуваат зраци знам дека ќе бидам расположена. Ме мотивира кога ќе ми дојде идеја во врска со мојата креативна работа. Најчесто навечер се случува да дојдат тие идеи, станувам од кревет влучувам компјутер и одма го цртам тоа што дошло. Во моите сопствени идеи гледам голема мотивација во однос на работата. Мотивацијата како родител секако ја наоѓам во успесите и изјавите на ќерка ми. А тие секојдневно се редат независно дали се мали или големи. „мама ти се што готвиш е вкусно“! Не може да не ти даде мотивација за следниот ручек! А знае и сама да подготови по нешто на нејзини 7.


Како архитект кој треба слободно да се изразува во својата работа во кое било време, сепак имам и го почитувам претпладневиот работен период. Во институциите тогаш може да се заврши работа. А мојата е поврзана и со нив. Дизајнарскиот цртачки дел не е секојдневен. Одма после работното време кое знае да биде преполно работни ангажмани следува период посветен на ќерка ми зависно дали има некакви активности или пак одиме во природа на спортски активности со ролерки, велосипед… Знае да се случи да имам работа на проекти и во попладневните часови. Па придружникот ќерка е тука да се учи и полека да се „кали“. Убавина е да имаш едноставно секојдневие а од проблемите кои сите ги имаме само стануваме поискусни.


Вечерните часови ги поминувам најчесто дома спремајќи се за утрешниот ден или викенд. Пред заспивање задолжително читаме дел од енциклопедиите или пак некоја приказна. После тоа морам да имам време да направам некоја телесна вежба за стегање и истегнување. Науката исто така ме фасцинира. Сакам да пратам се ново што се случува и кој е најнов изум во светов што би можела и јас да го применам во мојата професија. Најчесто навечер ми останува по малку време за тоа а и за размислување. Морам да имам време за размислување бидејќи сум човек кој сака да направи план за блиската иднина и да се придржувам кон тоа. Многу сум среќна кога ќе се оствари планираното. Ако не ме премориле активностите преку денот знам да си пуштам филм на Стремио или пак да фатам некој на нашите телевизии.