Утринско кафе со Аспазија Софијанова: Пациентите секогаш се на прво место

Утринското кафе го пијам традиционално со мојот Нони и со мојата ќерка Анастазија. Викендите седнуваме онака опуштено со кафе да си ја прераскажеме неделата која поминала и да ја испланираме следната. Нони е секогаш до нас.


Ме мотивираат моите деца пред сѐ, мојот Нонко, моето семејство и секако моите пациенти. Децата кои ме чекаат секој ден на клиника и оние кои сме ги излекувале и кои денес се здрави деца.


 Потоа моите студенти по медицина. Нема поголема мотивација од тоа. Ги сакам и патувањата како во земјата така и надвор од неа. Посебно службените, затоа што стекнувајќи нови искуства ги полнам батериите за работа.


Денот почнува со утринско кафе со мојот Нони и продолжува на Клиниката за Детски болести каде како шеф на Одделот за Интензивна нега и терапија ја организирам работата и заедно со моите колеги се грижиме за децата. Иако работниот ден трае до три ипол часот, многу често поради обврските се случува да останеме и подоцна. Откако тој дел од денот ќе заврши зависно времето го планирам остатокот од денот.


По завршувањето на работните обврски сакам да седнам со мојата ќерка Анастазија или со моите пријатели на ручек или на вечера. Често знаеме да одиме на претстава или на концерт. Не ретко само што ќе дојдам дома повторно ме викаат на работа заради нови пациенти. Кога сте лекар вашите работни обврски и не ви дозволуваат да планирате многу. Пациентите секогаш се на прво место.


Ние лекарите генерално читаме стручна литература или работиме на нашето стручно усовршување. Тоа ни е главна преокупација затоа што медицината постојано оди напред и сакаме да сме во тек со сѐ и да примениме онолку колку што условите овде ни дозволуваат. Сепак и покрај се знам да седнам да прочитам добра книга или да изгледам добар филм. Некако тоа го правам повеќе во периоди кога сум на одмор и имам повеќе слободно време.