Утринско кафе со Билјана Јаневска: Секоја жена треба да биде горда на себе

Денот ми започнува обично во 05:30 часот рано изутрина, во зависност од тоа која смена сум. Бидејќи работам во смени, ако сум прва смена обавезно ова време сум на нозе, но ако сум втора знам и да си поспијам малку. Понекогаш и кога не сум на работа кога имам слободни денови станувам рано како под дифолт. Сè е навика. Инаку првото утринско кафе го пијам со мајка ми. Колку неблагодарно од моја страна што ја будам рано нели? Сега си останавме сами и поврзани сме како папочна врвца. Потоа пијам вода со лимон за да ме засити во текот на денот, се спремам и тргнувам . Во 7 часот сум веќе на работа. Многу сакам луѓе со позитивна енергија што ме поттикнувааат на нови идеи и работи кои што потоа позитивно влијаат не само врз мене туку и на луѓето околу мене. Сакам и добра смисла за хумор, сакам да се смеам и да ширам позитива околу мене. Така и ме знаат многумина. 

Изминатиов период бев премногу ангажирана околу изборот на Мис Туризам каде што ја претставував нашата земја, и не обрнував внимание на себе туку ѝ се посветив амбизиозно на Македонија. Сега откако заврши сето тоа имам повеќе време за себе. Во текот на денот знам да се освежам со некое смути. На фризер одам обавезно 2 до 3 пати неделно. Не можам да си дозволам да се видам несредена. Според мене секоја жена треба да се грижи за својот изглед и да биде горда на себе. Го обожувам мотото – „Жена сум можам сè!“. Со самото тоа што се грижиме за себе и се сакаме себеси, им овозможуваме на луѓето околу нас да не сакаат и почитуваат уште повеќе.

Со оглед на тоа дека завладеа оваа тешка пандемија Ковид-19 па и нема каде да се шета. Сите сме преплашени, па пожеби ќе ви звучи смешно но оној бабински муабет „работа, дома, и обратно“, е тоа сум јас веќе извесен период . Ретко кога ќе појдам да се сретнам со некоја другарка, на дистанца се разбира. Макар што тешко ми паѓа дистанцата, јас сум човек што многу сака да се гушка и милува. 

При крајот на денот едвај чекам да си дојдам дома доколку сум втора смена и да ја прегрнам мајка ми. Се навикнавме и на филмовите на „Netflix“. И така со чајче и топол муабет и со по некој совет мајчински се завршува вечерта. Сакам да читам книги претежно бидејки си го збогатувам вокабуларот така и тоа ме смирува и релаксира. Чувајте се од оваа тешка пандемија, и да се надеваме на подобро утро. 

( *Билјана Јаневска- манекенка, фото-модел и магистер по управување со отпад)