Утринско кафе со Билјана Петровска: Жена која чита е опасна жена
Денот го почнувам со чаша млеко, кафето го пијам подоцна на работа. Ако 8 работни часа ми се доволни за да ги завршам сите обврски што ги имам во текот на работниот ден, првото кафе го пијам со колегите и со муабет ,ако не, го пијам во канцеларија сама , во исто време започувајки со работа. За викенд, првото утринско кафе го пијам со син ми додека сѐ уште сме во пижами. Е тоа викенд кафе најмногу го сакам оти го пијам со многу убав муабет и многу насмевки.
Ме мотивираат многу нешта, многу работи. Ме мотивираа моите најблиски, син ми, внук ми, сите добри и насмеани луѓе полни позитивна енергија. Ме мотивира желбата секој нов ден да бидам подобра и поуспешна од вчера, ме мотивираат силни успешни жени, кои својот успех го постигнале со труд, знаење, упорност, одлучност, жени кои цврсто газат и знаат кои се и колку вредат. Ме мотивираат стари лица кои и покрај тоа што им тежат годините и болестите, му се смеат на животот и уживаат во него.
Секој работен ден ,носи стари но и нови обврски, набавка на нови книги,попис на книжниот фонд,реклама на секоја нова книга,постојано имаме некакви настани и активности кои треба да се организираат, подготват. Моментално течат подготовките за саем на книга, да се задоволат барањата на секој читател, да се ислуша да се поразговара со секој.Тука секако се и домашните обврски, ручек, пеглање, чистење, но ако убаво се организираш и испланираш сѐ, се завршува.Јас секогаш се водам по тоа:„Кога се сака, сè се може“. Не можам ако не отидам да го видам татко ми, па макар и на 10 минути. Доколку имам време, пијам кафе со пријателките. За викенд сакам да готвам да испробувам нови рецепти и солени и слатки нешта.
Сакам кога денот полека заминува и се прибираме дома сите, да си раскажуваме како ни поминал денот, да гледаме телевизија .Навечер се подготвувам и за наредниот работен ден,задолжително половина час вежбам, затоа што сметам дека секоја жена мора да се грижи за своето здравје но и за своето тело, без разлика на годините и без изговори и оправдувања. Пред да заспијам сакам да слушам тивки добри балади или да читам добра книга.
Многу сакам да читам книги .Добра книга знае да ме остави будна до раните утрински часови. За викенд сакам да изгледам и филм, ги сакам романтичните филмови,ама книгата си има свој шарм.Читам се,нема лоша книга но посебно ја сакам руската книжевност и историја. Без разлика што и да читам ако налетам на било што , кое раскажува за рускиот император Николај или за Романови, тие книги секогаш има приоритет. Велат жена која чита е опасна жена, (во позитивна смисла). Верувам во тоа.
(*Билјана Петровска - Директор на библиотека „Илинден“ Делчево)