Утринско кафе со Бисера Димитровска: Ме мотивираат позитивни и насмеани луѓе

Утрата ми се омилен дел од денот и многу ги сакам, посебно ми е чувството кога е неизвесно какви предизвици носи денот, иако ова повеќе важи за време на викенд. Преку неделата утрото ми почнува доста рано, веќе во 7 часот син ми Марко ме буди и денот ми почнува со неговата искрена насмевка и најтопли прегратки. Првото кафе го пијам на брзина дома, бидејќи иако секој ден си ветувам дека утре ќе станам порано, никогаш не е доволно рано и секогаш е се хаотично и на брзање. Откако ќе го однесам во градинка, второто кафе го пијам на раат • После секојдневниот утрински состанок, заедно со колешките го пијам второто кафе околу 10 часот, омиленото капучино од Дистрикт. Преку викенд утрото ми е вистинско уживање а кафето и палачинките омилен ритуал, пред да одиме на шетање на Водно или во градскиот парк.


Иако звучи како клише, ме мотивираат позитивни и насмеани луѓе, секогаш спремни да помогнат. Ме мотивира успешно реализиран проект на работа и луѓе од коишто можам да научам.


Многу сакам да патувам, да запознавам нови култури и луѓе, да пробувам нови кујни. Иако сакам нови места, има градови на коишто постојано им се враќам и би одела уште сто пати.Тоа е нешто што ме исполнува и ме храни духовно, на тој начин ги полнам батериите и се подготвувам за сите обврски што ме чекаат кога ќе се вратам. Инспирација ми се и сите другарки коишто ги имам од дете, со кои сме поминале буквално сѐ и сè уште сме тука една за друга. Me мотивираат и новите другарки од една женска група на Фејсбук, сочинета од силни жени (девојки) каде што се наоѓа решение за секој проблем и се дава бескрајна поддршка во секоја смисла на зборот.

А најмногу од сѐ ме мотивира Марко, којшто ми дава смисла и ме прави да бидам подобар човек секој ден.


Моите секојдневни обврски се најчесто поврзани со работата како Маркетинг координатор во Скопје Мериот Хотел. Деновите никогаш не ми се монотони и секој ден ми е различен. Бидејќи сум екстроверт, комуникацијата со многу луѓе во текот на денот ме исполнува и ме инспирира. После работа сакам да извежбам во теретаната во Мериот, барем 2-3 пати во неделата иако не секогаш имам време колку што би сакала. Со нетрпение го чекам летото за играње тенис и шетање во природа. Другиот дел од денот е резервиран за сопругот и Марко, и се трудам секој ден да му биде исполнет. Сакаме да одиме на кино, да одиме или да ни дојдат гости.


Денот ми завршува прилично рано и веќе околу 10 ме стигнува уморот. Зависна сум од Нетфликс и тв серии, така што откако заспие Марко се релаксирам со чаша вино и омилените серии доколку не заспијам заедно со него. Порано многу читав ама во последнава година ми е толку краток денот што едноставно не успевам. Повеќе да читам оваа година ми беше на врвот на new year resolutions.

За време на викендот сакам да се видам со другарките, да излеземе на вечера или на пијачка, или да отидеме некаде надвор од Скопје.Ми фали секојдневното дружење со нив, и пиењето кафе во Дебар маало така што се трудам да надоместам колку што е возможно.

* Бисера Димитровска,  Маркетинг координатор во Скопје Мериот Хотел