Утринско кафе со Бистра Георгиева: Сакам спонтани маалски средби

Преку недела, кафе пијам работејќи бидејќи најплоден период за работа ми е утрото и не сакам да го трошам на расонување. Важно ми е да биде во убава чаша зашто кафето е дел од декорацијата на моето биро. Јас сум човек кој сака да седи во канцеларија и ми значи тој амбиент да биде убав. За време на викендот, во зима, кафе пијам дома, а во пролет и лето, ако сум рано станата, кафе пијам во маало кога сѐ уште е празно.

Професионално ме мотивира идејата дека можам, преку она што го работам, да го видам ефектот на дело и да помагам директно и индиректно на општеството. Со тоа сум задоена фамилијарно и сѐ повеќе го препознавам низ годините овој порив. А, една од личностите која најмногу ме мотивира е мојот татко, бидејќи никогаш не ми ги прифаќал изговорите дека нешто не можам да направам или постигнам. Па, на секој мој обид да се откажам или да се предадам го слушам неговото „седни работи“. И навистина седнувам и работам и најчесто сработувам.

Не сакам да го планирам денот однапред. Дури и редовните обврски што ги има секој човек кај мене се случуваат во периоди. На пример, има период кога сакам само да седам дома. И тогаш сум инспирирана и да готвам, и да канам гости, и да пеглам, и да садам цвеќиња. Но, има и други периоди сосема обратни. Кога не сакам ништо од тоа. Се разбира, на работа е сосема поинаку. Таму, ми е најважно планирањето и завршувањето на обврските на време. 

Убав ден ми завршува или дома или надвор кога сум опкружена со блиските луѓе. А лош ден ми завршува кога не знам да се справам со стресот и стравовите, па го пренесувам на околината. Една од најубавите работи ми е играње друштвени игри, такви завршетоци на денот обожавам. Сакам и спонтани маалски средби, но не за време на викенд. 

Поретко читам и за тоа многу се обвинувам, бидејќи секогаш кога ќе прочитам книга ми е многу убаво. Но, сега, откако помина промоцијата на мојата нова сликовница „Џиновска продавница за фантазии“ во издание на „Арс Ламина – публикации“, која се одржа во „Литература.мк“, на која имаше прекрасна енергија, си ветив себе си дека ќе им се навраќам на книгите онолку често колку и на филмовите. А филмови гледам многу. И во кино и дома. Тоа ми е голема љубов, а веројатно и прва, уште од времето кога имав пет години и се вљубив во „Dirty Dancing“.

( Бистра Георгиева – раководител на Креативна Европа МЕДИА Деск МК, авторка на новата сликовница „Џиновска продавница за фантазии“, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“)