Утринско кафе со Бранка Бугариска: Секоја мака се заборава со штотуку испечатена книга

Првото утринско кафе обично го пијам на убавата тераса во просториите на „Арс Ламина“, со нова книга в раце или на брифинг со колегите. Но, деновиве, до 14 мај, нашата редакција е со привремен престој на Саемот на книгата во СЦ „Борис Трајковски“. Па, така, кафе пијам на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“, со мојот тим, со многуте специјални гости, автори и со нашите читатели. 

Ме мотивираат успешно реализирани проекти, задоволни автори и среќни читатели. Секоја мака се заборава кога во раце ќе ја земете штотуку испечатената книга. Но, и кога ќе добиете позитивен фидбек од публиката. 

Оваа недела, покрај многуте настани и промоции во рамките на Саемот на книгата, имаме и уште два многу важни настани денеска (10 мај, петок) за кои се подготвувавме долго време: „Деновите на педагогија“ на Филозофскиот факултет, во соработка со Институтот за педагогија, а потоа и учество на конференцијата „Асистивна технологија за дислексија“ во организација на Здружението за дислексија „Ајнштајн“, каде што ќе ги претставиме новите лесно читливи лектири за основните училишта во издание на „Арс Ламина“. И на саемот имаме богата агенда. Меѓу другото, вчеравечер се одржа промоцијата на „Солунска 28“ – втората книга на легендарниот музичар и автор Неле Карајлиќ, за која неодамна ја доби и престижната награда „Момо Капор“. Денеска, пак, во 18 часот, ја организираме промоцијата на македонското издание на книгата „Костурите на округот Медисон“ од една од најпопуларните регионални авторки, Ведрана Рудан. Следниве денови нѐ очекуваат уште неколку промоции и дружења со авторите: Јана Мишо, Ване Костуранов, Владимир Мартиновски, Ерина Богоева, Моџо Килингтон, Дејан Сибиновски-Сибо, Зоран Михајлов и Владимир Плавевски, како и гостинот од Албанија, Стефан Чапалику. 

Изминатиов период денот ми завршува како и што почнува –работно, со стотици мејлови, телефонски повици, состаноци, планирања и еден тон книги. Сепак, последните часови од денот се „исклучувам“ и наоѓам мир со ќерка ми Гала и нашето маче Луна.

Професионалниот ангажман ми овозможува секојдневно да читам најразлични книги. Интересно е што, и покрај тоа, сѐ уште имам потреба и во слободните часови (кои сѐ помалку ги имам) да прочитам нешто ново. Филмови гледам поретко, но претпочитам да посетам добар концерт.

Бранка Бугариска, директорка на издаваштво во „Арс Ламина“