Утринско кафе со Данче Наумовска Пауновска: Убаво ми е на душата кога придонесувам луѓето да почувствуваат мир

Скоро секое утро по личната хигиена вежбам јога. Дишам и ја насочувам мислата кон позитивни афирмации. Потоа ги будам моите деца и почнуваме со подготовка за на училиште, работа, секој со своите задачи. Онаму каде им е потребна помош им помагам и тоа го правам со леснотија. Ги носам до училиште, се сретнувам со многу родители, наставници, дечиња и сето ова ми овозможува употреба на драгоцениот збор: ,,Добро утро“, а воедно и широка насмевка од сѐ срце. Продолжувам да возам до работното место, ги пропуштам пешаците, давам првенство на возила кои чекаат ред да се вклучат во сообраќајот, им се насмевнувам, а тие пак исто така ќе кренат рака за поздрав или ќе се насмеат. Додека возам, слушам музика или пеам. Сето ова е пријатна мотивација да го продолжам работниот ден со сѐ што ќе случи во него.

На работа почнувам со подготовка на кафето. Понекогаш го правам јас, понекогаш колешките. Сеедно, првото утринско кафе го пијам со нив. Мојот работен ден продолжува со низа задачи: индивидуална психотерапија со клиенти, неколку часовни работилници за личен раст и развој, работа со деца кои имаат потешкотии со учењето и им помагам во совладување на материјата. Ме исполнува мојата професија. Убаво е чувството кога со својата работа придонесувам лицата да се насмеат и да почувствуваат мир, спокој во душите и да станат свесни за своите потенцијали, да стекнат способност за креативно прилагодување, да прават сопствени избори, да ја зголемат поддршката во себе затоа што имаат право да се среќни.  И ако сум терапевт, сепак и јас учам нешто од клиентите. Сето ова е взаемен процес, значаен и за клиентот и за терапевтот. 

Секоја моја работа завршува со прибирање на белешки за секој клиент или група. Во секој момент додека ги пишувам белешките се присетувам на секое лице, миг, израз, настан.. Блага насмевка и сочувство!

Во меѓувреме се јавувам да ги слушнам мите родители, пријатели и да направам мала пауза со мал оброк и уште едно кафе. По работата се посветувам на моите најмили, си раскажуваме кој како го поминал денот. Ги споделуваме нашите случувања и доживувања. Заедно со сопругот им помагам на децата ако нешто им е потребно околу училишните обврски. Откако ќе си легнат, се опуштам со чаша вино, тивка музика и читање книга. Читам стручна литература за психотерапија. Ги сакам книгите на Ирвин Јалом, особено „Гледање во Сонцето“  и на Смиљан Мори за мотвација „Ние сме нашите уверувања“. Потоа си легнувам со добра мисла за утрешниот ден и снага за справување со сите случувања.

* Данче Наумовска Пауновска, ЕАГТ Гешталт психотерапевт, дипломиран психолог