Утринско кафе со Данчо Аризанов: Ме мотивира истрајноста

А, тоа секогаш оди рака под рака со успехот. Затоа и практикувам поголемиот дел од времето да го поминувам со луѓе кои се максимално посветени на тоа што го работат

Првото утринско кафе најчесто го пијам сам. Обично ритуалот ми почнува со пиење на кафе, додека ги читам дневните вести на интернет. Понекогаш си пуштам музика, за подобро да се расонам.

Најмногу од сѐ ме мотивира истрајноста. А, тоа секогаш оди рака под рака со успехот. Затоа и практикувам поголемиот дел од времето да го поминувам со луѓе кои се максимално посветени на тоа што го работат, на работите што ги исполнуваат и што не се откажуваат така лесно при било какви пречки или предизвици во животот.

Секогаш пред спиење, размислувам за текот на наредниот ден и како би можел максимално да го искористам. Така се чувствувам поисполнет. Секако, и покрај секојдневните обврски, задолжително наоѓам време да се позанимавам со музика. Без неа не можам. Дали ќе е пеење, свирење или одење на хор, најважно ми е музиката да ми е дел од денот. Инаку сакам постојано да бидам организиран, имам планови на подолгорочно ниво, дневни планови и обврски кои можат да почекаат.

Вечерта вообичаено ја минувам со најблиските. Или со моите дома, доколку сум во родниот град Гевгелија, или со другарите. Тоа време ми е секогаш резервирано за луѓето што ги сакам, за забава, за време каде што нема место за грижи.

Зависно од периодот, одбирам книга или филм за релаксација. Моментално сум врзан со читање книги и тоа на Пауло Коелјо, Агати Кристи, Толстој, кои не им се толку познати. Изненаден сум од тоа колку многу книги постојат, што не ја добиле славата што ја заслужуваат. Преферирам класици и трилери. Поточно секаква книга, сѐ додека не е некоја романтична. Меѓутоа и за добар филм секогаш се наоѓа време.

* Данчо Аризанов, доктор по општа медицина