Утринско кафе со Давид Темелков: Добра мотивација е клуч кон подобро утре

Пред сѐ добар ден, и поздрав до сите читатели на овој магазин, особено до сите дами кои го пијат своето утринско кафе. Морам да признаам дека секое утро ми започнува со кафе, а потоа со краток кардио тренинг! Го сакам вкусот на добро кафе, а кафето е и добар стимуланс кој нема непотребни калории и помага во процесот на соговрување масти!

Мотивацијата е една од најпотребните компоненти за успех. За успех е потребна константност и истрајност, а добра мотивација е сигурно клуч кон подобро утре! Најчесто ме мотивираат приказни за скромни луѓе кои од ништо направиле голем успех, луѓе кои покрај сите животни порази, успеале да истраат во своите замисли и да ги остварат.

Секој ден е непредвидлив, особено во мојата професија. Секој ден носи нови предизвици. Обврските знаат да бидат различни, но забавни. Некогаш знам буквално да заглавам во студио снимајќи песни по 16-18 саата и воопшто да не забележам колку брзо поминал денот, некогаш морам да поминам и 700-800 км дневно поради некоја промоција на нова пресна, па да немам време ни за кафе пауза ни ручек... Но го сакам ова што го работам, ако може да се нарече пеењето „работа" , а ако може, тогаш е најубавата работа на свет.

На крајот на денот, се трудам да одвојам барем малку време само за себе. Сакам денот да го завршам со тренинг, а потоа со дружба со блиските пријатели. Вистинските пријатели се големо богатство, па секое слободно време го користам за дружба со нив!

Секогаш повеќе сакам да изгледам некој добар филм отколку да читам. Морам да признаам никогаш не сум милувал да читам книги, сигурно е тоа некоја „траума" од детските денови поради лектирите кои сум морал да ги прочитам. Филмот е секогаш победник!

 ( Давид Темелков- пејач )