Утринско кафе со Димитар Бабалков: Пред три години го вдомив од улица и сега ми е најверно другарче

Иако сум две години дел од репортерскиот тим на најгледаната утринска програма ,,Ја сакам Македонија" на ТВ „Сител“  се уште не се одвикнав од желбата да ја украдам секоја можна минута да поспијам повеќе. Денот ми почнува доста рано, се будам скоро пред изгрејсонце. Заедно со мене се буди и моето куче Понго од расата пинч и веднаш следува негова прошетка, па потоа го пијам првото кафе, во негово друштво и во комплетна тишина. 

Мотивацијата искрено ја наоѓам во самиот себе, стремејќи се да го подобрам тоа што сметам дека треба да биде подобро, без разлика на приватно или професионално ниво. Поставувам цели кои сакам да ги реализирам и навистина се борам да стигнам до крајот, иако за жал некогаш се не оди по план, што од друга страна може дополнително да ме мотивира да бидам поупорен. Најтешко е сам за себе човек да зборува, но понекогаш тврдоглавоста што ја имам дава резултати, секако во позитивна смисла. 

Секој ден е сам по себе приказна, во новинарството нема правила, па според тоа секој ден е сосема различен од претходниот. Сепак дневните активности се сведуваат на кус колегиум со уредниците и колегите, снимања на терен и монтажа на тв приказните. Во меѓувреме трае потрагата по нови новинарски приказни и договарање со соговорниците. Исто така во меѓувреме имам и некои поситни работни ангажмани надвор од утринската програма кои бараат исто така време и енергија, што значи скоро и да нема крај на работните обврски. Новинарството е професија без работно време. 

Работниот ден секој ден завршува во различен период, но најчесто се ,,ослободувам” нешто по 17 часот. Слободното време сакам да го поминам најчесто дома, барем неколку часа да поминам сам. Вечерта е резервирана за дружење со моите блиски луѓе, со чаша вино или кригла пиво. Секако дека морам да посветам и време на мојот миленик, кој пред скоро три години го вдомив од улица и сега мислам е најразгаленото куче на кое му се обраќам и со „другарче“. 

Во последно време сум фокусиран повеќе на гледање документарни филмови кои најчесто ги гледам во доцните вечерни часови. Знам да гледам и игран филм, но сепак документарците ми се реални и многу повеќе се соживувам со нив. Книгите се идеална можност за отворање нови светови и релаксирање за време на викендите, по можност во природа.

(*Димитар Бабалков- новинар во ТВ „Сител“)