Утринско кафе со доктор Виктор Камнар: Секој пациент го заслужува најдоброто

Претпочитам на работа да одам порано, пред да започнам со стручниот состанок и редовните работни обврски. Првото кафе најчесто го пијам сам и во тишина, правејќи ги плановите за денот што ме очекува.

Професионално, најголемата мотивација ја наоѓам во насмевката и среќата во очите на задоволниот пациент. Необјасниво е чувството кога ќе ве поздрави на улица пациент, којшто сте го примиле речиси неподвижен или тешко повреден, а сега гледате како слободно се движи. Ме мотивираат, моите колеги, нивната несебична борба за секој пациент и меѓусебна поддршка. Како човек, секојдневна мотивација наоѓам во моите деца и мојата сопруга во нивната љубов, во нивните љубопитни погледи и беспрекорна поддршка коишто секојдневно ми ја даваат.

Како доктор, во текот на денот се соочувам со бројни обврски, посебно што нашата работа е поврзана со најважното а тоа е човечкото здравје. И покрај тоа што секој ден носи нови и тешки предизвици, мојата цел е секогаш иста: на секој пациент да му го овозможиме најдоброто и од клиниката да замине со добро здравје и задоволна насмевка. И покрај тоа што за нас докторите тоа е секојдневие носењето одлука за операција кај секој човек е посебен вид на стрес и страв од нешто непознато,затоа не се опишува задоволството кога се ќе пројде во најдобар ред и пациентите си одат дома кај своите најблиски.

Слободно време го поминувам со мојата фамилија и пријателите. Смеата и разиграноста на моите децата ми овозможуваат да се опуштам после напорниот ден.

Викендите, посебно вечерите, се најчесто резервирани за добар филм или книга, стручна литература читам секој ден без исклучок дури и кога сум на одмор, а задоволство ми е посебно кога за тоа и малку дебатирам со моите студенти и колеги специјализанти.Инаку уживам во жанрот научно-фантастика и трилер. Имајќи предвид дека во мојата фамилија секој има различни преференции за гледање на филм, најтешко е доаѓањето до компромис за изборот на филм. Досега, најчести победници се децата.