Утринско кафе со Дора Попова: Мотивацијата ја наоѓам во многу мали нешта

Секое ден го започнувам различно, во зависност од тоа кој ден е во седмицата. Обично се будам околу 09.00 часот наутро сама, бидејќи во тоа време мојот сопруг е веќе на работа. Инаку не пијам кафе, бидејќи не сум негова уживателка, но пред појадок задолжително пијам две до три чаши вода или џус од портокал. Потоа ако имам време си ја пуштам омилената музика за релаксирано да ми тргне денот, па продолжувам со пишување на мојот нов роман. Ако немам време, брзам да се подготвам и да одам на работа во мојот Центар за применета психологија кадешто ги пречекувам моите клиенти.  Доколу, пак ги немам сите овие работни обврски, тогаш излегувам на прошетка покрај кејот на Вардар.

Мотивацијата можам да ја најдам во многу мали нешта кои секојдневно ме инспирираат, но главно се мотивирам од мојата лична работа на себе од којашто постојано се раѓаат нови идеи и  цели во мојот живот кои тежнеам да ги остварам. Искрено, веќе ги имам премногу, па некогаш се плашам дека целиот живот нема да ми стигне за да ги остварам сите.

Како што веќе напоменав, поголемиот дел од денот го поминувам во мојот центар со моите клиенти во индивидуални сеанси на кои сум максимално посветена. Исто така, ги подготвувам и поединечните планови за моите работилници кои ги организирам еднаш или два пати во месецот. Но, најактуелно во моментов, се подготвувам за промоцијата на мојот прв издаден роман,,Превртена љубов“ која треба да се случи на 11-ти август во Охрид. 

На крајот од денот, често се случува да бидам уморна, па сакам да го поминам во релаксирана домашна атмосфера со мојот сопруг, со чаша добро вино или со некои од моите пријатели во добар разговор. Ако во денот, пак не сум била зафатена со премногу обврски,тогаш по вечерата можам да продолжам со пишување.

Исто така, сакам да гледам филмови, но многу повеќе сакам да прочитам некоја добра книга, најчесто од областа на психологијата. Во моментов внесено,  со големо вниманиеги читам книгите на Ирвин Јалом. 


(Дора Попова- писател и психолог)