Утринско кафе со др. Данчо Бизевски: Луѓето треба да се дружат во живо, а не на интернет

Денот ми почнува со утринското кафе кое го пиеме со мојата сопруга Александра, правејќи ги плановите за тековниот ден и споделувајќи ги обврските околу децата. Овој ритуал трае 11 години и ми претставува еден од најубавите моментии во мојот ден. Утринската енергија што им ја давам на сите во семејството ме прави среќен и исправен во текот на целот ден. Дури и децата ги научивме дека наутро треба да имаат појадок ,каде што ќе го споделат тоа што ќе го прават во текот на денот.

Најголема мотивација ми е семејството, ништо без тоа. Всушност, целината е кога си добар и во професионалниот но и во приватниот живот. Добар лекар, без добар татко и сопруг не бидува, тие се врзани работи и мора да се надополнуваат. Значи, мотивацијата почнува од дома, завршените работи во семејството, родителската одговорност, разбирањето за препреките и за сѐ што доаѓа во животот.

Моите дневни планови се на едно место, помеѓу четири ѕида и многу светла, операционата сала во „Нова дентал хирургија“. Колку и да изгледа тешко и асоцијално, оваа професија ја сакам многу и целосно ѝ се посветувам. Денот ми почнува со проблемите на луѓето, нивните болести и патешествија, за кои се трудам да им помогнам со сиот мој капацитет и знаење. За да работиш како лекар мора да ги сакаш луѓето, да си човекољубец, да си искрен со нив и да дадеш сѐ од себе.

Попладне знаеме сите заедно да се рекреираме, возејќи велосипед по скопските улици, во градскиот парк,покрај кеј. Впрочем, сите сме љубители на природата и на  рекреацијата. Прикчвечер, на крајот од денот се дружиме во домашен амбиент со нашите пријатели, за кои постојано се трудам да ги соберам и да ги отргнам од имагинарното дружење, туку напротив кога зборуваме да се гледаме и да се слушаме. Силно стојам на ставот дека луѓето треба почесто да се дружат, да разменуваат мислења и да си помагаат меѓусебно, да ги пренесуваат вредностите на идните поколенија. 

Да сум искрен, сакам да прочитам, но не можам да го направам тоа во последно време. Стручната литература ми виси нон-стоп по моите библиотеки. Но, останатите членови од семејството толку многу читаат ,па ме понесува таа читацка енергија и мене од нив. Добар филм за викенд, кога ќе начекам малку слободно време.


* Др. Данчо Бизевски, специјалист по орална хирургија, основач и директор на специјалистичката установа за орална и имплантна хирургија „Нова дентал хирургија“, Скопје.