Утринско кафе со Драган Б. Костиќ: Ќе ги вратам „Диско селектор“ и „Заборави ако можеш“

Во последно време, денот ми почнува со алармот на мобилниот кој ме потсетува дека е време за утринската тура лекови. Вообичаена активност за секој повозрасен. Помислата дека никој нема два животи, па едниот да го тера лефтерно, синдикално, а другиот, сериозно, работно, гледам да завршам што е можно повеќе работи во текот на денот.

Од сите области кои ме интересираат. Да сработам што повеќе нешта, со надеж дека некој ќе ги прочита или слушне па собраното знаење низ години, нема да биде попусто. Ако немам некоја стриктно временски закажана обврска, бидејќи сум близнак (во хоропскоп) скокам од една на друга работа, останувајќи со неа додека ме држи интересот, и така во круг. Сепак оставам зад себе побајаги завршена работа. Подготвувам секојдневна емисија „Кавервил“, пишувам неколку интересни музички книги, кога е време за снимање нов сет Тв емисии „Б со точка“, договарам и реализирам средби со гостите, со кои потоа во договорени термини ги снимам, обземен сум последниве денови со повторен старт на радио емисиите „Диско селектор“ и „Заборави ако можеш“, пишувам нови идни изданија за нив, а кога, и каде ќе стартуваат, кога ќе дојде време. Се надевам, наскоро. 

Во петоците со другари знам да заседнам во некое кафеанче (најчесто во „Куќа“), во саботите на пладне да прошетам низ центар, до Боемска улица во Дебар маало, и да седнам (задолжоително во „Пелистер“ кај Бране). Водам грижа за три маалски кучиња, кои секогаш во одреден период на вечерта ги хранам, минувам извесно време во муабет со нив, им зачистувам околу куќарките. И не забележувам кога денот привршува.

Вечерите најчесто ги минувам со мојата сопруга Иванка, ѝ должам. Низ децениите наназад, многу малку време (особено навечер) заради моите (во одредени периоди речиси секоја вечер) клупски настапи, имавме време за заеднички помин. Надоместуваме. Просто е неверојатно со такво темпо на обврски, човек да има време за читање книги. Верувале или не, но читам една неделно. А тежок филмоман сум. Имам огромна филмотека, но уште поголема СЕРИЈА-тека, безмалку сѐ што вредело во изминативе 25 години, имам како видео издание. Заспивам доцна. Навечер. Или рано. Наутро. Лоша навика. Која не се искоренува.