Утринско кафе со Драгана Левенска: Денот ми започнува и завршува со музика од мојот грамофон

За разлика од порано, во последните години кафето не e тоа со кое го започнувам денот. Мојот ден започнува со овошје, чиа пудинг и музика. Кафето го одложувам за после пладне. Морам да ви кажам дека овој начин на почеток на денот ми е многу поприфатлив. Инаку кафето го пијам најчесто со моите пријателки, а не ретко знам да уживам и сама.

Ме мотивираат успешни млади луѓе, храбри, истрајни, борци кои и покрај сите падови и искушенија успеале да го постигнат замисленото. Ме мотивира моето семејство, храброста на моите родители, ме мотивираат моите пријатели, љубовта, и секако публиката и професијата што ја работам. Животот сам по себе е мотивација. 

Како актер, мојот ден е секогаш различен, без стандарни термини и обврски. Кога имам нов проект во театар, мојот ден е целосно посветен на тоа и притоа немам буквално време за ништо друго. Но со текот на годините и искуствата научив како и во тие денови да најдам време за себе и својот психофизички баланс, кој сметам дека е многу важен за сите нас. Веќе подолго време со задоволство го посетувам „Project Fit“, каде што редовно вежбам фитнес. Исто така, редовно пешачам, а во последно време морам да го спомнам и дружењето со Водно, особено во викендите. 

Со оглед на тоа што пред да запишам актерска игра, студирав книжевност, книгите секако ми се неизбежен и составен дел од мојот живот, како тогаш, така и денес. Секако дека сакам да гледам филмови и тоа го правам најчесто во кино. А од скоро благодарание на мојот брат, се навлеков и на серии, се разбира не турски.

Како што споменав погоре, јас сум повеќе денска птица и затоа вечерниотт дел од денот најчесто го користам или работно на претстави или со пријатели на тивки дружби со убаво вино. Секако се случува и да излезам да шизам по градот до доцна во ноќта, но тоа е многу ретко и со добар повод. Денот ми завршува како што ми почнува, со музика од мојот грамафон и телефонски разговори со моите драги луѓе.



( Драгана Левенска- актерка)