Утринско кафе со Елена Грабул: Првото кафе се пие САМ

Имаше еден ФБ статус, што со задоволство го споделив: Значи, првото кафе се пие САМ. Батали романтики •. Отстапка од ова правев со мојата најдрага баба, за која тешко ми е да кажам дека ја нема, зашто ја има и ќе ја има секогаш.


Инаку, денот, како и на секоја мајка со две мали деца ми почнува интензивно, динамично…а така некако и завршува •


Кој да знае што ме мотивира…сè повеќе верувам дека се раѓаме или не со некој центар за мотивација во нас, па или го имаш или го немаш. Јас си имам! • Кога физичкото здравје трпи, кога емотивниот баланс е нарушен, семејството е тука лајтмотив. Кога е во прашање работата, тогаш ми се вклучува чувството за организација и контрола и не смее да има утки. Просто не знам да се носам со грешките и гледам да ги сведам на минимум можностите за неуспех. Тој пристап не секогаш е правилен, знае баш да исцрпи, ама па резултатот дополнително мотивира. И така во круг •


Приоритет е сè што влегува во job description на еден совесен родител, кога се дневните обврски. Условите на актуелното живеење не даваат многу комоција, особено кога сме во продуктивниот период на животот и сакаме се да покриеме: воспитување, образование и посветеност на семејството, кариерен развој, социјална сеприсутност итн. Напорно е, особено поради тоа што работата на мојот сопруг бара и подолги отсуства од дома, па неретко сум и мама и тато и другар и другарка. Ама, фала Богу, имам вродена мотивација и фамилијарна помош. Имам и работно место што ме прави задоволна од себе, а тоа е сериозно битно, па и не многу често во нашата земја. Дипломатијата е единствената професија што ме задржа повеќе од 10 години и сè уште ме интригира, ме провоцира. Нема дневна рутина,а има многу предизвици, патувања и креирање релации, поради кои секој ден се спознаваш себе. Додека е така, немам забелешки! •


Денот го завршувам со приказна во кревет. Нека е клише, нека звучи и досадно, ама таа спојка не денот и ноќта нема цена. Работев во медиуми и знам што е дикција, па децата уживаат во моето внесување во улогите. Кога сум уморна, Давид (8 год) ме одменува, чита како спикер! Многу ми е мило што читањето му е прва љубов…ок, сега има и други пасии, но си чита со мерак. А тоа е некако преносливо, и Дарија (4) покрај него впива вредности и се труди да ги достигне поставените критериуми од брат и. Енергични деца се, ама па тоа е поентата, нели? Е, кога е тато дома, правилата се моделираат спонтано •


Сакам да се затворам три дена во некоја соба, па наизменично да читам и да гледам филмови. Имам огромна дупка во тие „мали ствари“ што живот значат. Заради студиите, некогаш читав и по 150 книги годишно, сега не стигнувам ни 5. Ги гледав сите филмови номинирани за Оскар, пред церемонијата, сега не успевам ни 2 години потоа да ги изгледам…а за балет,театар, опера, филхармонија да не почнувам •. Еве сега се сетив на последно прочитаната книга „Манастирот Фуентерабија“, од Јагода Георгиева, топло ја препорачувам. Па и последно гледаниот филм ми е со МК предзнак - „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески. Двеве дела се чекор напред и повисоко за македонското творештво и многу ми е драго за тоа.

П.С. Кај утринското кафе и мотивацијата, слободно додадете ги моите ОД компањонки. Неверојатни жени, со сите нишани!