Утринско кафе со Елена Марковска: Кафето не ми е потреба, туку ритуал и уживање

Со оглед на тоа дека ги подготвувам и водам утринските вести на ТВ Алфа, денот ми почнува навистина рано. Станувам во 5:30 со веќе подготвена шема од предходната вечер. Гардеробата за вести подготвена, дел од вестите подготвени, доручекот спакуван.. Не излегувам од дома без лажичка од медот на татко ми, позитивна мисла, елан за работа и тоа секое утро е така затоа што го работам тоа што вистински го сакам.. Не сум од оние кои не можат да функционираат ако не се напијат кафе, напротив кафето не ми е потреба, кафето ми е ритуал, уживање. Затоа првото го пијам кога ќе завршат вестите во  8:30. Работам со прекрасни луѓе кои секое утро имаат што ново, позитивно и интересно да кажат, па со топло турско кафе се отвораат секакви теми, впрочем знаете како е со новинари и телевизиски работници, тие можат секогаш да зборуваат на секоја тема  од политика до квантна физика. 

Нема подобра мотивација од желбата за подобро утро, а изворот можеме да го пронајдеме секаде околу нас и во нас. Јас ја пронаоѓам на различни места и во различни делови од секојдневието. 

Ме мотивираат патувањата, прошетките во природа, мирисот на морето, студиото, светлата, камерите, ме мотивира љубовта кон партнерот, внуците, родителите, пријателите.. Малите нешта се само искра во доживување на нешто поголемо и значајно.. Зацртаните планови и нивно остварување ми се главна мотивација на секое поле и сметам дека љубовта, семејството и кариерата се најголемиот потенцијал за исполнет живот. Ме мотивираат и книги и мисли, а особено една од Махатма Ганди „Биди промената која што сакаш да ја видиш во светот.“ 

Работните обврски ги диктираат и дневните планови, но за вежбање време мора да има. Од денот одвојувам 2 часа за фитнес и тоа е стандардно. 

Овој период од годината „излегувам” во театар (можеби затоа што ми недостасувале во летниот период). Со партнерот знаеме да изгледаме неколку претстави во една недела. Вечерните дружби и седенки во работни денови ги избегнувам бидејќи во 8 часот наутро кога светлата и камерите ќе се запалат треба да сум одморена, наспана, свежа. Дружбите со пријателите ги оставам за викенд. 

Книга или филм? Да ме прашавте пред 2 месеци сигурно ќе одговорев книга и тоа „Илјада неверојатни сонца“ од Калед Хосеини, но сега ќе кажам филм. Есента секогаш ми буди желба за филм или серија. Чајче, ќебенце, добар филм и топла прегратка е мојот избор овој пат . 


(Елена Марковска- ТВ водителка)