Утринско кафе со Елена Стојанова: Сакам да носам одлуки базирани на знаење и искуство, а добрата конкуренција ме мотивира

Денот сакам да го започнам рано, па така алармот ми ѕвони во 6 часот наутро за да не бидам во трка со времето.

Потоа следи ритуалот кој вклучува утринско кафе со сопругот и чинија овесни снегулки со брусница, па денот може да започне.

Ова ни е омилен дел од денот затоа што си споделуваме што ни претстои како обврски и планови тој ден, а разговараме и со нашиот син, додека се подготвува за на училиште.

Потоа, штом пристигнам на работа имаме кратка координација со колегите и правење план за претстојниот ден и веднаш започнуваме со работните обврски.

Кога станува збор за викендите, тогаш утринското кафе практикувам да го пијам надвор, се разбира, во комбинација со пешачење и природа. Пешачењето е уште еден мој ритуал кој го практикувам секојдневно.

Најголема мотивација во животот ми е семејството, а пред сѐ успесите на мојот 15-годишен син Дамјан, кој постојано учествува на натпревари од сферата на математиката и физиката и досега се има закитено со многу дипломи. Тоа ми е потврда дека правам вистински потези кога станува збор за улогата на родител.

Од друга страна пак, професионално, ме мотивира да бидам подобра од тоа што бев вчера, секој нов ден да учам нови работи и да носам одлуки, базирани на знаење и искуство. Ми се допаѓаат позитивни, храбри и пред сѐ искрени луѓе покрај кои ќе можам и јас да растам и чие функционирање ќе ме мотивира дополнително и мене. Позитивната конкуренција секогаш е добра работа.

Работните денови ми се динамични и исполнети со различни предизвици. Токму тоа ми дава елан за работа по цели 11 години минати во компанијата „Кроација осигурување“. Дел сум од тимот од самиот почеток, ги поставувавме основите, учевме и растевме заедно, а сега сме поуспешни од кога било.

Сметам дека да се биде задоволен од работното место и третманот кој го добиваме на истото е клучно.Ова надополнето со убавата енергија која ја црпам од домот, со силната поддршка од сопругот и синот прави да функционирам одлично.

Сакам да напоменам дека важен сегмент од мојот живот е и сестра ми. Нејзината младешка енергија навистина ми годи , често сме заедно, една на друга сме си огромна поддршка.

Во попладневните часови тука се и кафе средбите со пријателките, потоа виновна признавам - зависничка сум од шопинг и навистина шопингот ми е антистрес терапија, уживам во добри филмови и книги. Моментално ја читам книгата „За што зборувам кога зборувам за трчањето” од Харуки Мураками, обожаваме и патувања и дури самото „ковање“ на план за некое патување ми лачи хормон на среќа.

Сметам дека има вистина во фразата: „Во трчањето на долги патеки единствениот противник што треба да го победите сте вие, личноста што сте биле порано...“ и тоа е моето мото – да бидеме подобра верзија од себеси секој нареден ден, месец, година.

*Елена Стојанова - Служба за прием во осигурување во Кроација Осигурување