Утринско кафе со Елена Златановска-Муратовска: Живеам и дишам со полни гради

Утрото ми почнува со звукот на алармот. Секое ми е слично на претходното, започнува со првото утринско кафе. Најчесто го пијам сама додека се средувам за почетокот на новиот работен ден.

Среќна сум што продолжив да бидам успешна на професионален план применувајќи го моето образование во сферата на медицината. Вработена сум во „Реплек Фарм“. Не сакам да биде заборавен и успехот во приватниот живот. Горда мајка сум на 8 годишниот Кирил.

Мотивација ми е животот, живеам и дишам со полни гради.. Горда и среќна за сопствениот успех кој е во континуитет и не сопре со завршувањето на мојата професионална ракометна кариера во ЖРК Кометал Ѓорче Петров со кој во далечната 2001/2002 ја освоивме единствената, македонска, европска, ракометна шампионска титула на која сум посебно горда. 

Секако спортот остана моја љубов и понатаму, 12-та година сум инструкторка по аеробик, сега во ОУ Партениј Зографски во населбата Кисела Вода.

Вечерните часови се трудам да им ги посветам на најблиските. Кога би бирала помеѓу добар филм или книга, ќе одберам некоја интересна книга. Преферирам добра литература.

* Елена Златановска-Муратовска, поранешна ракометарка и инструкторка по аеробик