Утринско кафе со Ели Клинчарeвска Младеновска: Првото кафе го пијам сама

Веќе една година се придржувам на ХРОНО исхрана која ја прифатив како траен режим. Затоа првото утринско кафе го пијам половина час по појадокот, без разлика каде сум, во студио, театар, снимање на некоја локација или дома. Пијам по неколку кафиња на ден и тоа без млеко, со стевија. И најчесто го пијам сама •

Ме мотивира семејството, пријателите, работата, љубовта кон професијата, процесот на создавање на улогата во проектот на кој работам, плановите за реализација на нови проекти, патувањата со семејството и многу музика…

Секој ден ми е различен, возбудлив и преполн со обврски.

Вечерта ми е најубавиот дел од денот бидејќи единствено во овој период можам да се опуштам и да одвојам време за некој филм, книга или пак да уживам во долгите разговори со мојот сопруг. Преку неделата најчесто уживам во домашна атмосфера со семејството, а преку викендите и со другарките.

Се разбира дека сакам  филм, театар, музика, танц, книга…тоа е моето секојдневие…мојот живот!