Утринско кафе со Фики Гаспар: Несвесно се мотивираме кога им помагаме на другите

Будењето за мене е најважниот дел од денот и секогаш ми започнува со утринско кафе. Ритуална подготовка за сѐ  што подоцна ме очекува. Некогаш кога сум слободен трае и по неколку часа, но кога сум обврзан во текот на денот, тогаш е кратко, ефективно и интензивно.

Наредниот ден секогаш го планирам пред да заврши тековниот. Гледам да се држам до истиот колку што можам, бидејќи секој ден ми е различен. Секојдневието е постојано различно кон што и се стремам, бидејќи повеќето од времето се среќавам со нови личности. Секој е своја приказна за себе, па така и од мене се бараат различни должности и обврски. Во однос на слободното време го правам она што ми причинува задоволство: читање книги или дополнителна литература, чаша вино со пријатели, вечери и дружба со истите.

Кога знаеме дека нашата работа им помага на другите, ја зголемуваме нашата несвесна мотивација. Сѐ што ме опкружува ме мотивира, но најмногу ги издвојувам личниот успех, одредени успешни луѓе и книги. Ме мотивира позитивен краен резултат кај моите клиенти и нивниот успех, како и самите тие.

Вечерните часови се препуштени на мој личен избор. Најчесто завршуваат во дружба со моите најблиски или пријатели, а оние денови кои се резервирани само за мене претпочитам да се посветам на читање мотивациони книги или како што кажав и претходно, дополнителна литература во врска со мојата дејност, било каква физичка активност, особено вечерно трчање и секако добра прошетка со моето куче Гизмо.

Кога би бирал помеѓу книга или филм, секогаш одбирам книга.Сакам да читам мотивациони книги, исто и класики. Има голем број на класики за кои цел живот не е доволен.За мене читањето убава литература е многу интимна работа.

* Фики Гаспар, психолог