Утринско кафе со Филип Кипровски: Имам улога на „личен инструктор по лазење“

Добивај вести на Viber

Востановената утринска рутина, прилично ми се смени од пред 5 месеци. Сега пред да го направам првото утринско кафе, менувам пелена и ги вршам сите пропратни активности. Потоа, додека го пијам кафето, ги исполнувам и улогите на "личен инструктор по лазење" и "персонален тренер по гугање" на мојата ќерка. Знам толку многу да се занесам во овие активности, што најчесто бучавата што ја правиме, ќе ја разбуди мојата сопруга пред договореното време. Тоа значи дека веднаш следува уште една шоља кафе, што на драго срце ќе ја испијам. Обожавам кафе, без разлика дали е еспресо во кафуле, макијато за носење, ладно матено нес, или онакво набрзинка прелиено, без млеко, зашто си заборавил да купиш.


Јас живеам во Скопје, а сум вработен во Народен Театар Охрид, така што имам динамична агенда што се однесува до дневните обврски. Многу патувам, и навикнат сум да сум цело време во движење, така што научив да сум сосема флексибилен за сѐ.

Често сум и отсутен од дома, ама се трудам да бидам на повеќе места во исто време.

Нема да кажам дека сум мотивиран да го направам светот подобро место за ќерка ми, бидејќи тоа е најклише одговор, а и некако станав песимист по тоа прашање во изминативе години. Во последно време една од ретките работи кои ме мотивираат професионално е "Импровокација"- театарски импровизации, кои веќе три години ги работиме со колегите во Охрид, а од пред еден месец започнавме и со настапи во Скопје. Тоа е нешто што ме држи буден како актер, и ме предизвикува да давам сѐ креативно од себе на секоја нова изведба. Тоа, и сите "лимони" што животот ни ги дава! 


Со сопругата сме навлечени на гледање на серии, така што ја користиме секоја прилика да ѕирнеме по некоја епизода. А благодарение на златново доба на стриминг сервисиве, има што да се види. Телевија избегнувам, лошо ми влијае на расположението. За жал книги читам, многу помалку од што очекувам самиот од себе, ама тоа ми е прво на списокот да го поправам. Тоа, па уште еден куп работи...

* Филип Кипровски, актер