Утринско кафе со Филип Неделковски: И во сон ме прогонува советот на мајка ми за девојките

Првото утринско кафе го пијам со мајка ми или со двајцата родители кога е викенд. Муабетот со татко ми е поврзан претежно со музика и со спорт, а мајка ми најмногу ја интересира мојот приватен живот. Веќе и во сон ме прогонува нејзиниот совет „Немој никогаш да навредиш ниедна девојка" без разлика како се однесуваат со тебе.

Најмногу ме мотивира музиката. Секој ден со задоволство одам на факултет. Студент сум во трета година на „Есра“, отсек композиција. Имам прекрасни професори: Дарко Мариновски, Љупчо Коскаров и Александар Трајковски, кои несебично ми го пренесуваат знаењето за музиката. Ме очекуваат уште 2 години на факултет, специјализација и магистратура.

Покрај обврските на факултет поголем ден од денот вежбам на клавир. Секогаш следам што работат нашите докажани композитори и се воодушевувам на нивните песни. Кога ќе ми дојде инспирација се обидувам и да компонирам.

Секогаш наоѓам време да се сретнам со мојот колега Кристијан Стефановски. Бог му го одзел видот, но му подарил бескрајна интелигенција и бескраен талент за музика и за продукција. Многу учам од него. Речиси секој ден излегувам со различно друштво. Имам голем број на пријатели.

Повеќе сакам да гледам филмови и често одам во кино. Најискрено најмногу сакам да гледам добри фудбалски натпревари. Следам многу спорт и секогаш сум присутен на спортските терени, кога игра некој македонски клуб или нашата репрезентација во било кој спорт.

(Филип Неделковски, музичар)