Утринско кафе со Габи Додевска: На крајот од денот најважно е да имам насмевка на лицето

Јас сум од оние луѓе на кои временските услови влијаат на нивното расположение. Па доколку има сонце сум во подобро и попозитивно расположение, но доколку има облаци и дожд, во тој случај расонувањето ми оди потешко. Првото утринско кафе го пијам дома во друштво на мојот татко, па потоа следува она прво со моите колеги од работа.

Дневните планови и обврски обично се поврзани со работата. Дневна агенда за она што треба да се сработи во текот на денот или пак неделата со моите колеги, а тоа се интервјуа, договарање гости, смислување на интересни приказни поврзани со естрадните ликови. Во дневната агенда, но не како обврска туку како задоволство ги вметнувам и моите блиски пријатели со кои сакам да испијам едно кафе.

Ме мотивираат само убави мисли и позитивни луѓе. Неодамна ја добив мојата прва внука Лилиа, па овие денови таа ми е голем мотив и голема среќа. Поддршката од мојот партнер секогаш знае да ме мотивира, како и инспиративни животни приказни кои ги слушаме секојдневно.

На крајот од денот најважно е да имам насмевка на лицето и денот да го заокружам во кругот на најблиските и на оние што ги сакам. Обично вечерта ја минувам со блиски пријатели на седенка или пак некоја друштвена игра, со моето момче Бојан кој секогаш има план како да го организира заедничкото време што го поминуваме, дали тоа е тетарска претства или вечера со многу разговор. Или што многу ретко ми се случува после напорен работен ден да најдам време за да прочитам книга. Зимата која што е сега зад нас, многу често знаев да изгледам филм. Обично тоа знае многу да ме релаксира. А што се однесува до книгите последно нешто што го прочитав и навистина ми се допадна се книгите „Сосед од пеколот“ и „Мали слатки откази“.